- Со задоцнување од девет месеци, виртуелниот мобилен оператор на Организацијата Трамп конечно почна да го испорачува златниот телефон „Т1“ - но со голема грешка во дизајнот.
- Американското знаме втиснато на задната страна има само 11 ленти, наместо 13.
- Компанијата „Trump Mobile“ прво тврдеше дека уредот е од домашно производство, а сега вели дека се „склопува во САД“. Експерти оценија дека по дизајнот и перформансите е неверојатно сличен на HTC U24 Pro, произведуван во Тајван. CNN забележа дека телефонот наликува на кинески смартфон што се продава во Walmart за 127,99 долари.
- Раните купувачи што оставија капар од 100 долари ќе може да го добијат „Т1“ по цена од 499 долари. Понудата опфаќа и месечна претплата од 47,45 долари на „Trump Mobile“.
- Бизнисот „Trump Mobile“ е ко-основан од Доналд Трамп Јуниор и Ерик Трамп – синовите на претседателот на САД.
- Европската Унија може да замрзне руски сметки поради војната во Украина, дури и ако не постои директна правна врска на сопствениците со лицата и фирмите против кои се воведени санкции, пресуди Судот на правдата на ЕУ.
- „Концептите на сопственост и контрола треба да ги опфатат сите форми на моќ или влијание што се вршат врз средствата, дури и ако не постои правна врска меѓу нив и засегнатото лице“, пишува во одлуката на судот.
- Одлуката на судот на ЕУ се однесува на три случаи во Италија, во врска со заплена на компании и јахта за кои има сомневања дека биле во сопственост на Руси на списокот на санкции на ЕУ. Судот го одобри запленувањето, иако биле утврдени само индиректни врски со санкционирани лица.
- „Целта на замрзнувањето на средствата е да се ограничат колку што е можно повеќе сите трансакции што можат да се извршат со нив. Секое заобиколување на санкциите треба да се спречи“, стои во пресудата.
- Германскиот канцелар Фридрих Мерц предложи Украина да стане „придружна членка“ на Европската Унија - да им се дозволи на украински претставници да учествуваат на самитите и министерските состаноци на ЕУ, но без право на глас.
- Украина би била опфатена со клаузулата за заемна помош на блокот и би имала право на финансирање од делови од буџетот на ЕУ.
- Привременото членство би било поништено ако Киев отстапи од стандардите за владеење на правото неопходни за целосно пристапување.
- „Очигледно е дека нема да можеме наскоро да го завршиме процесот на пристапување (на Украина), со оглед на безбројните пречки и политичката сложеност на процесите на ратификација. Предвидувам политичко решение што значително ќе ја доближи Украина до Европската Унија и нејзините основни институции веднаш... Тоа ќе помогне во олеснувањето на тековните мировни преговори“, забележал Мерц во писмо до шефовите на ЕУ - Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта.