Поради очекуваниот голем интерес, телефонот Т1 од брендот „Доналд Трамп“ лани беше пуштен во претпродажба со гарантирана промотивна цена од 499 долари за раните купувачи што ќе уплатат депозит од 100 долари.
До денес не е испорачан ниту еден телефон. Наместо известување до кога раните купувачи ќе чекаат на испораката, производителот ги промени условите од договорите – оние напишани со ситни букви, кои ретко кој ги чита – и предупреди дека апаратите можеби никогаш нема да бидат доставени.
Trump Mobile не гарантира дека: Уредот ќе биде комерцијално пуштен во продажба; ќе бидат добиени регулаторни одобренија (вклучувајќи овластување од FCC); ќе биде обезбедена сертификација од операторот; производството ќе започне или ќе продолжи; или испораката ќе се случи во рамките на кој било специфичен временски рок, се вели во условите.
Веб страницата Trump Mobile сè уште ги насочува клиентите кон листа на чекање. Не е јасно колкумина уплатиле. International Business Times ја проценува досега собраната сума на околу 600.000 долари“ и забележува дека клиентите може да ги побараат назад депозитите ако не сакаат повеќе да чекаат“.
Во новите услови, исто така, на раните купувачи повеќе не им се гарантира дека ќе го добијат телефонот по промотивната цена.
Конечните цени и понудите ќе бидат објавени во моментот на купувањето. Ќе имате можност да ги прифатите или да ги одбиете.
Телефонот T1 во јуни 2025 година го промовираа синовите на претседателот - Ерик и Доналд Трамп Јуниор, со најава дека испораката ќе почне во август 2025 година.

T1 беше опишан како „елегантен, златен смартфон гордо дизајниран и произведен во САД“. Набрзо по промоцијата беше избришан делот дека уредот ќе биде произведен во САД. Независна анализа укажува дека Т1 всушност е копија на кинескиот телефон REVVL 7 Pro 5G, кој се произведува во погони во Кина.
Од промоцијата, па до денес, неколку пати е променет и дизајнот. Во актуелната верзија, на златната позадина е втиснато американско знаме над името на компанијата Trump Mobile.

Техничките перформанси остануваат исти: „Телефонот T1 ќе има екран на допир од 6,78 инчи, главна камера од 50 мегапиксели, батерија со брзо полнење и сензор за отпечатоци од прсти, и ќе работи на оперативниот систем Android“. Телефонот лани беше промовиран како конкуренција на ајфон 17.