Каква врска имаат кодоши со смокви?

Зборот „сикофант“, кој денес во повеќе јазици е преземен со значење човек што лицемерно им ласка на моќните и богатите за лична корист и кодоши други, има необично потекло и тоа директно од античка Грција и од трговијата со еден од најважните производи за тогашната економија.

Во современите речници на голем број јазици (англиски, француски, шпански, германски), сикофант е човек што неискрено фали влијателни луѓе за да добие некаква корист, или пак поткажува луѓе кај „повисоки инстанци“ и генерално прави сплетки, повторно за сопствен ќар. Во Дигиталниот речник на македонскиот има две толкувања - „Во античка Атина професионалец што ги тужел луѓето и со тоа заработувал пари“ и „кодош“. 

Коренот на зборот води до античка Атина, и изненадувачки има врска со - смокви. Имено, тие биле исклучително важен дел од економијата, речиси подеднакво значајни како маслиновото масло и виното. Постоел дури и закон што забранувал извоз на смокви надвор од Атика, за жителите таму да можат сами да уживаат во нивното производство.

Ова го спомнува античкиот писател Атенај од Наукратис во своето дело „Deipnosophistae“ („Филозофи на трпезата“). Тој објаснува дека многумина тајно се обидувале да ги извезуваат смоквите за профит, а оние што ги пријавувале пред судиите биле наречени „сикофанти“.

Зошто токму така? Зборот доаѓа од два грчки збора: „сикон“ – смоква, и „фаинеин“ – да покажеш, да откриеш. Значи, буквално: „оној што покажува смокви“, односно човек што ги открива оние што нелегално тргуваат со смокви.

Тие луѓе не биле само пријавувачи од морални причини – според атинскиот закон, ако обвинението било потврдено, пријавувачот добивал дел од казната што му била изречена на виновникот. Значи, постоела и финансиска мотивација.

Со текот на времето, зборот почнал да се поврзува со луѓе што користат обвинувања, доушништво и манипулација за лична корист. Оттаму и денешното значење – нечесна, пресметлива личност што се приближува до моќните од интерес.

24 April 2026 - 17:38