- На денот кога САД и Иран прогласија двонеделно примирје, Израел изврши досега најжестоки напади врз Либан – загинаа најмалку 254 луѓе и 837 беа ранети. Израелските сили бомбардирале повеќе од 100 цели на Хезболах во Бејрут и во јужен Либан.
- „Размерот на нападите е ужасен. Овој масакр, во рок од неколку часа по согласувањето за прекин на огнот со Иран, е неверојатен. Ова е огромен притисок врз кревкиот мир, кој им е толку очајно потребен на цивилите“, изјави шефот на ОН за човекови права, Фолкер Турк.
- Техеран предупреди дека ќе се повлече од договорот ако продолжат израелските напади врз Либан.
- Израел тврди дека примирјето не се однесува за Либан, спротивно на соопштението од Пакистан, кој посредуваше во преговорите помеѓу САД и Иран и прв го објави договорот. Трамп првично не коментираше, но подоцна изјави дека израелските акции во Либан се „одделен конфликт“.
- Либан е единствената земја од регионот што не истрелала ниту еден куршум во војната, а трпи огромна штета. Повеќе од 1,1 милион луѓе се насилно раселени, и многумина живеат на улица. До завчера, според либанското Министерство за здравство, од израелските бомбардирања загинале повеќе од 1.530 луѓе, а 4.812 биле ранети.
- Четворицата астронаути на НАСА утрово безбедно се спуштија на Земјата, по десетдневната мисија Артемис 2 околу Месечината.
- Нивната капсула „Орион“ ги издржа огромните температури од брзото навлегување во земјината атмосфера и се спушти со падобран во Пацификот, покрај брегот на Калифорнија.
- „Стабилни сме“, објави командантот на мисијата Рид Вајзман. Тој и другите астронаути – Виктор Гловер, Кристина Кох и Канаѓанецот Џереми Хансен, ќе поминат низ неколкудневни детални медицински прегледи.
- При влегувањето во атмосферата, екипажот леташе 32 пати побрзо од звукот (побрзо од кој било човек досега), а нивната капсула беше изложена на температура од 2.760 Целзиусови степени – практично беше обвиткана во оган, поради што во критични 6 минути немало никаков контакт со Контролата на мисијата. Падобраните ја намалиле брзината на слободниот пад на 25 километри на час.
- При мисијата за обиколување на Месечината, екипажот на НАСА стаса 406.778 километри од Земјата, подалеку од кој било човек досега, и направи детални снимки од нејзината „скриена“ страна.
- НАСА в година ќе ја спроведе мисијата Артемис 3, во која ќе тестира екипаж со лендери во орбита, како конечна подготовка за мисијата Артемис 4, кое опфаќа спуштање астронаути на Месечината, прв пат по 1972 година. Во трка е со Кина, која планира да испрати свои „таиконаути“ на Месечината до 2030 година.
- Новиот европски систем за влез и излез (EES – Entry/Exit System) во земјите од Шенгенската зона создаде километарски колони на границите на Хрватска со Србија и Босна и Херцеговина.
- ЕЕС почна да се применува од ноќеска на полноќ. За државјаните од земјите од Шенгенската зона нема никакви промени, но од оние од третите земји на границата задолжително се земаат биометриски податоци и дигитално се внесуваат во база на податоци, наместо да се удираат печати во пасошите.
- Колоните за влез во Хрватска биле дополнително зголемени поради продолжениот викенд и велигденските празници во Србија.
- На граничниот премин Бајаково биле формирани пет километарски колони од возила, во кои патниците за влез во Хрватска чекале по два часа.
- На граничните премини кон Босна и Херцеговина се чекало по најмалку еден час.