Воочи новогодишната ноќ, во декември 1853, Бенџамин Вотерхаус Хокинс, природонаучник и пионер во визуелното претставување на праисториски животни, одлучил малку да си го рекламира бизнисот. Претходната година компанијата Кристал палас му нарачала 33 модели во природна големина од диносауруси, кои требало да претставуваат атракција, но и да имаат образовна компонента за младите генерации.
Бидејќи ова сепак не можел да го стори сам, тој одлучил на вечера, токму на Нова година, да покани угледни научници и јавни личности. Меѓу нив Ричард Овен (човекот што го вовел зборот „диносаурус“), природонаучникот Едвард Форбс, орнитологот и илустратор Џон Гулд и геологот Џозеф Прествич. Истовремено, биле поканети и новинари, сопственици и инвеститори. Меѓу нив и уредникот на Illustrated London News, весник со огромен тираж, кој подоцна објавил опширен извештај со илустрации.
И покрај снегот и мразот, гостите облечени свечено пристигнале во голем магацин, каде биле изложени скулптурите. Најголемата од нив – игуанодонот (огромен тревојаден диносаур) – служела како место за вечера. Мажите морале да се искачат по скали и да седат на платформа во внатрешноста на скулптурата, каде била поставена масата.
Над нив била подигната голема тенда за да ги заштити од студот, а над трпезата висел лустер. Околу нив имало транспаренти со имињата на славни палеонтолози – Кивје, Мантел, Конибир и Бакланд – имиња што служеле и како повод за разговори и за озборувања. Некои од нив веќе биле починати, други на работ на ментален распад.
Ричард Овен седел во „главата“ на игуанодонот, додека на другиот крај имало простор каде музичар со своја изведба значително ја загреал атмосферата. На полноќ се кренале здравици, а Форбс изрецитирал долга поема, што според извештаите предизвикала толкава возбуда што сето тоа звучело како да рика стадо диносауруси.
Менито било исклучително раскошно: седум јадења со супи, риба, печено месо, дивеч, слатки, овошје и разни вина. Сè било сервирано од униформирани слуги, а весниците подоцна ја опишале вечерата како луксузна и елегантна.
Illustrated London News напишал дека игуанодонот, „со својот социјално наполнет стомак“, бил одлично искористен, а скулптурите претставувале важна лекција за јавноста, правејќи ја сложената наука разбирлива преку уметност. Дури и сатиричното списание „Панч“ се пошегувало дека, доколку ова се случело во вистинско геолошко доба, гостите можеби ќе се нашле во игуанодонот – но без вечера.
Маркетиншкиот потег успеал: весниците објавиле написи за настанот, муабетот се проширил, па шест месеци подоцна, над 40.000 луѓе присуствувале на отворањето на Кристалната палата и ги виделе диносаурусите на Хокинс.
Денес, овие скулптури се заштитени како културно наследство од највисок ранг и се обезбедени средства за нивна обнова. Но, од тогаш не се забележани вечери во внатрешноста на диносаурусот.