Парите не се отепувачка: најосамените во светот се и меѓу најсиромашните

Многумина мислат дека осаменоста е проблем на богатите општества, каде што луѓето, трчајќи по пари и успех, ги жртвуваат социјалните врски. Но истражувањата покажуваат дека тоа не е точно. Напротив, западните, индивидуалистички општества – каде што повеќе луѓе живеат сами и религијата има помала улога – во просек се помалку осамени. Ова го покажува нова студија чии резултати ги објавува Економист.

И покрај романтичната слика за тоа дека богатите земји се социјално „студени“, во оние сиромашните луѓето многу почесто се чувствуваат осамено. Најизненадувачки, најосамениот регион во светот е Африка, иако токму таму потекнува идејата за „убунту“ – верувањето дека човек станува човек преку другите луѓе. Во 2024 година, повеќе од една четвртина од анкетираните Африканци изјавиле дека се чувствувале осамено претходниот ден.

Осаменоста може да се дефинира како болна несразмерност меѓу тоа колку социјална блискост очекуваме и она што реално го доживуваме. Задоволителните односи обично вклучуваат неколку елементи: физичка близина, поддршка, интимност, забава, почит и чувство дека придонесуваме или дека сме потребни.

Осаменоста е опасна по здравјето. Истражувањата ја поврзуваат со срцеви и мозочни удари. Една студија од 2010 година процени дека социјалната изолација го скратува животот исто колку и пушењето по 15 цигари дневно. Понови анализи, засновани на податоци од милиони луѓе, покажуваат дека осаменоста го зголемува ризикот од смрт за околу 14% во даден момент. Иако осамените луѓе често имаат и нездрави навики, ефектот останува дури и кога тие фактори ќе се земат предвид.

Осаменоста не е само здравствен ризик, туку и длабоко мачна состојба. Таа го зголемува ризикот од анксиозност и депресија и создава маѓепсан круг: осаменоста води кон ментални нарушувања, а тие пак ја продлабочуваат изолацијата - едното постојано го храни другото. 

Најдеталните истражувања за осаменоста главно се спроведени во Европа и Америка, иако таму живее само мал дел од осамените луѓе во светот. Во јуни, Светската здравствена организација објави анализа на 23 бази на податоци, меѓу кои и анкетата на Галуп што опфаќа околу 150 земји. Заклучокот беше јасен: колку е една земја посиромашна, толку нејзините жители се поосамени. Анализата на Економист, заснована на истите податоци, покажува дека ова важи и внатре во земјите: најбогатите луѓе во најбогатите средини се најмалку осамени, а најсиромашните во најсиромашните – најмногу.

Најосаменото место од сите - изненадувачки - е Мадагаскар. 

За многумина однадвор, Мадагаскар е речиси непознат. Луѓето најчесто го поврзуваат со измислени лемури од анимирани филмови или со егзотичната и уникатна фауна што се развила поради милиони години изолација. Можеби чуле и дека земјата доживеала политички превирања. Но за луѓето што живеат таму, не знаеме речиси ништо.

Мадагаскар има околу 33 милиони жители на територија двојно поголема од Британија. Поголемиот дел од населението живее во рурални области и е многу сиромашно. Околу 70% преживуваат со помалку од три долари на ден. Во Амбовомбе, град во сувиот и од циклони погоден југ, улиците се полни со живот: продавачи, колички влечени од волови, луѓе што разговараат додека чекаат работа. На прв поглед, ништо не изгледа осамено. Сепак, дури 60% од жителите на јужен Мадагаскар изјавиле дека се чувствувале осамено претходниот ден.

Парите не можат да купат љубов, но можат да го олеснат дружењето. Робинет, продавачка на домашни производи, вели дека постојано е меѓу луѓе, но тие најчесто се клиенти, не пријатели. Таа живее со децата во изнајмена соба, без сопруг. Полигамијата е честа, а многу жени сами ги растат децата. Таа чувствува дека нема доволно луѓе на кои може да се потпре и често е осамена.

Сиромаштијата сама по себе не ја предизвикува осаменоста, но силно влијае врз тоа како и колку често луѓето се дружат. Во побогатите земји, луѓето поминуваат повеќе време со пријатели, семејство и колеги. Во сиромашните средини, почесто ги гледаат соседите, но поретко другите блиски луѓе. Полесно е да се најде време за дружење кога имаш пари за работи што штедат време – од машини за перење до достава на намирници.

Парите влијаат и на квалитетот на односите. Дури и кога се зема предвид контактот со семејството и пријателите, повисокиот приход значи помалку осаменост. Полесно е да се зближиш со некого на вечера ако можеш да ја платиш сметката, да се дружиш со фудбалски навивачи ако можеш да купиш билет, и да се опуштиш со пријатели ако не се грижиш за пари.

Најсиромашните луѓе губат огромно време на тешка секојдневна работа, а сиромаштијата ги напрега односите меѓу луѓето. Истражувањата ја поврзуваат со недоверба, конфликти и стигма. Миграцијата, која често е обид за бегство од сиромаштијата, дополнително ја продлабочува осаменоста. Во Мадагаскар, поради големината на земјата и лошата инфраструктура, луѓето што заминуваат на работа се одвоени од семејствата со месеци.

Културата исто така игра улога. Во колективистички општества, строгите очекувања – како обврската децата да се грижат за старите родители – можат да ги задржат луѓето во односи што се формални, но незадоволувачки. Во индивидуалистичките култури, луѓето имаат повеќе слобода да ги прекинат врските што ги прават несреќни.

Сè што ја намалува сиромаштијата веројатно би ја намалило и осаменоста. Но и директните интервенции можат да помогнат. Во англискиот град Фром, лекарите почнале да „препишуваат“ социјални контакти наместо само лекови, обучувајќи илјадници жители како поврзувачи во заедницата. Резултатите биле импресивни: значително се намалиле итните болнички приеми и се заштедиле милиони.

Слични идеи функционираат и во сиромашни земји. Во Зимбабве, на пример, постојат „клупи за пријателство“, каде постари жени обучени да слушаат и советуваат им помагаат на луѓето што се чувствуваат осамено. Во Амбовомбе, лица со попреченост секоја сабота се собираат, се дружат и ги посетуваат другите што се осамени. И покрај тешките услови, тие зборуваат за силата што ја црпат од поврзувањето и меѓусебната помош и за надежта дека иднината може да биде поинаква.

29 December 2025 - 09:15