Ќе стане ли Спотифај новата дејтинг-апликација?

Едно време се правеа компилации на касети, па на цд-а со внимателно избрани песни за симпатијата. Денес, доволно е да ѕирнеш во нечии јавни Спотифај плејлисти за да откриеш повеќе за човекот отколку што би кажал за себе на прв состанок.

Сега платформата реши да додаде уште еден слој интимност: директни пораки. Новата опција „Messages“ им овозможува на корисниците постари од 16 години да си праќаат песни, подкасти или аудиокниги - официјално „како нов начин да споделиш што сакаш“. Но, интернетот веднаш ја прочита поентата поинаку.

Колку и да звучи практично, зборот ДМ одамна не е само директна (месиџ) порака. Прво доби нова културна тежина со „sliding into the DMs“, па чувство на тајновитост и интимност - а сега, порака испратена во Спотифај веќе не е само линк до песна, туку мини љубовно писмо.

„Приватните пораки станаа модерни љубовни белешки - некогаш слатки, некогаш ризични, но секогаш со повеќе тежина отколку што платформата првично планирала,“ вели Али Тис, експерт за романтични односи. И навистина, споделувањето музика често е најдиректниот поглед во нечие расположение.

Затоа дел од корисниците предвидуваат дека оваа функција ќе стане златен рудник за романтични поврзувања. Наместо уште еден профил со пет внимателно избрани фотографии и кратка биографија, тука имате цел музички идентитет - искрен, неисполиран и многу повеќе кажува за човек отколку десет селфија.

Социјалните мрежи одамна ги избришаа границите меѓу јавна и приватна комуникација, но Спотифај со ова отвора нова сцена: љубовни изјави преку песни, флертување со плејлисти, и можеби првите парови што ќе кажат „се запознавме на Спотифај“.

Можеби звучи романтично, можеби апсурдно. Но ако љубовта отсекогаш имала своја музика, зошто да не има и свој стриминг сервис?

2 September 2025 - 00:00