Нов тренд во романтичните односи: „Шрекување“

Shrekking, односно да се гледаш со некој што е по сите параметри „пониско“ од тебе, за да добиеш предност и да не завршиш повреден на крај. Преглупо.

Современото забавување постојано произведува нови термини и трендови, најчесто на ТикТок, а последниот во низата е „шрекување“ - израз инспириран од анимираниот лик Шрек, но со далеку понесимпатична конотација.

Под „шрекување“ се подразбира да излегуваш со некој што се смета за „под твоето ниво“, со претпоставка дека таквиот однос носи помал ризик од повреда. Логиката е едноставна: ако некој е „под тебе“, тогаш нема моќ да те одбие или разочара. Сепак, како што сведочат бројни објави на социјалните мрежи, често се случува токму спротивното - луѓето што биле сметани за „помалку вредни“ го прекинуваат односот, оставајќи ја другата страна збунета и фрустрирана.

Овој феномен отвора пошироки прашања за тоа како денешната култура на забавување ги вреднува луѓето. Концептот се потпира на идејата за „љубовна пазарна вредност“, мерена преку изглед, статус, возраст или финансиска состојба. Тоа создава хиерархија на „горе“ и „долу“, во која одредени партнери се сметаат за награда, а други за „сигурна опција“.

Критичарите велат дека токму тука лежи токсичноста: гледањето на другиот како на инфериорен од старт создава динамика што ретко може да заврши со искрена врска. Покрај тоа, ваквите категории често го одразуваат поширокиот социјален контекст - класни, родови и естетски стереотипи што одамна ја надминуваат интимната сфера.

„Шрекување“ затоа функционира како огледало на модерниот љубовен пејзаж: мешавина од цинизам, стратегија за самозаштита и постојано рангирање на вредноста на другите. Во реалноста, резултатот е најчесто парадоксален - во обид да се избегне ризикот од повреда, луѓето повторно се соочуваат со истото разочарување што сакале да го избегнат.

Или, ако користиме аналогија од филмот - самите се претвораат во огар кога ќе се стемни.

3 септември 2025 - 00:00