- Претседателите на САД и на Русија в петок ќе се сретнат во Алјаска на разговори за крај на војната во Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски не е поканет на самитот на кој ќе се крои иднината и територијата на неговата земја.
- Трамп најави дека мировниот договор за Украина ќе мора да содржи „размена на територии“, без да навлегува во детали. Аналитичари очекуваат Путин да се откаже од екстремното барање Русија да ги присвои сите територии што ги окупира во Украина.
- „Ништо не е лесно, но ќе вратиме нешто назад. Ќе размениме нешто. Ќе има некоја размена на територии, за добро на двете страни... Претседателот Путин, верувам, сака да види мир, и Зеленски исто така сака да види мир. Со сета почит до претседателот Зеленски, тој ќе добие сè што треба, ако постигнеме нешто“, изјави Трамп.
- Ова ќе биде прва посета на Путин на САД по 2015 година, кога учествуваше на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Последен пат со американски претседател се сретнал во 2021 година - со Џо Бајден во Женева.
- Ерменија и Азербејџан потпишаа мировен договор, официјално завршувајќи го воениот конфликт што почна уште пред нивното раздружување од Советскиот Сојуз.
- Ерменскиот премиер Никол Пашинјан и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев го потпишаа документот на свеченост во Белата куќа, во присуство на главниот посредник во преговорите, Доналд Трамп.
- „Долго време, 35 години, тие се бореа, а сега се пријатели и ќе останат пријатели долго време“, изјави Трамп. Тој најави дека САД ќе ги засилат билатералните економски врски со двете земји и ќе им помогнат целосно да ги нормализираат меѓусебните односи. САД ќе добијат ексклузивно право за развој на критичниот транзитен коридор низ јужниот Кавказ.
- Конфликтот помеѓу Азербејџан и Ерменија почна во осумдесеттите години, кога Ерменците во азербејџанскиот регион Нагорно-Карабах прогласија независност. По чести пресметки и престрелки, Азербејџан во 2023 година во дводневна блиц-офанзива го зазеде Нагорно-Карабах, по што речиси сите стотина илјади Ерменци од регионот избегаа во Ерменија.
- Двајцата лидери заеднички го номинираа Доналд Трамп за Нобелова награда за мир и најавија дека по него ќе го наречат транзитниот коридор - Трампова рута за меѓународен мир и просперитет (ТРИПП).
- Канцеларот Фридрих Мерц објави дека Германија повеќе нема да извезува во Израел оружје и воена опрема што би можеле да бидат употребени во Газа.
- „Тешко е да се разбере како операцијата за окупирање на градот Газа ќе му помогне на Израел да ги исполни своите цели. Во овие услови, германската влада нема да одобрува никаков извоз на воена опрема што би можела да се употреби во Газа“, изјави канцеларот.
- Откако на 7 октомври 2023 година почна војната во Газа, па се до 13 мај годинава, Германија одобрила лиценци за извоз на воена опрема на Израел во вредност од 487 милиони евра.
- Претходниот канцелар Олаф Шолц тивко го намали извозот на оружје од 326,5 милиони евра во 2023 година на 161 милион лани, но и тоа е пет пати повеќе отколку во 2022 година.