Првиот импулс беше „ех, сега...“ (секогаш е), ама некој момент подоцна се претвори во „Ама, ти гледаш романтични комедии. Пишуваш романтични комедии. Кај е проблемот?“
И се најде The Accidental Husband, или како што го преведе Илина, „Сопруг на шашма“ и се изгледа, и прво беше многу ведро и шармантно и возбудливо, ама после веројатно поминатите години си го направија своето и не ја задржа првобитната привлечност.
Сепак, го изгледав.
Ума Турман е докторка „за љубов“ со радио-емисија каде што ги советува слушателите, главно жени, за очекувањата околу љубовта и врските. Притоа наметнува строги ставови околу барањето возбуда („Искрата што ти фали може да ти ја запали куќата“), наспроти барањето стабилност („Ти треба мир, а не да не можеш ни да јадеш, ни да спиеш.“). Во еден таков наплив на професионална ароганција ќе убеди една слушателка да си ја откаже веридбата, и тоа додека во живо тоа го слуша и вереникот. Неколку сцени подоцна, во класичен тригер-настан како за ром-ком, вереникот ќе хакне матична служба и за инат ќе ја заведе докторката како мажена за него.
Доаѓаат спојлери, кој нејќе да си знае.
Следува низа прескокнувања пречки и очекувана неспособност да се поништи фиктивниот (а сепак во матично заведен) брак, за од пола филм натаму да сфатиме дека ништо нема да биде од тоа.
Прво, уште при првиот кадар, ми текна дека сум го гледала, ама па среќа освен сцените со слушалки во студиото и индиската свадба, апсолутно ништо не памтев. Нема некоја драматична длабочина и не се ни стреми да ја има, иако има неколку брилијатни pieces of cinema, а Изабела Роселини ги продлабочува сите дијалози во кои учествува само со едно кревање веѓа.
Сите глумци се врвни (сепак е 2008, и ако ништо друго, барем можеме да се надеваме сѐ средено), а Ума Турман е одличен комичар.
Но, по гледањето, некои од нарачаните теми на дискусија делуваат неочекувано.
На пример, на мејл, заедно со предизвикот, од читателот добивме прашање:
„Дали филмот е феминистичка утопистичка приказна која ги подгрева стереотипите за начинот на машкото однесување, кои ги очекуваат идните генерации женски деца?“
Па, не? Видовме различни типови на мажи. Колин Фирт, вереникот (што очигледно се лечи од зависност со храна), кој на хартија е совршен (згоден, успешен, посветен, паметен и богат). Џефри Дин Морган, love interest-от, пожарникар и обичен дечко (се разбира во фудбал, емпатично живее со едно големо индиско семејство, пие со другарите, народен човек е). Сем Шепард, повозрасен авторитативен тип (татко на докторката, со грешки во животот и нов обид за љубов и стабилна врска после 60 години).
И различни жени гледаме. Ума Турман со професија што овозможува авторитет и самодоверба, што многу брзо се распаѓа (главниот лик нели мора да прошета низ оган за да се развие до крај). Девојката што ја раскинува веридбата од почетокот, обична девојка што греши и гледа да ја исправи грешката. Пар лезбејки што пробуваат торта за свадба. Изабела Роселини што е Изабела Роселини.
Утопија беше само начинот на кој Колин Фирт се повлече, ако сме реални. И нормално, неколку ром-ком елементи ама нели заради тоа и гледаме романтични комедии?
Потоа, читателот се прашува:
„Дали е реално дека сите женски деца едно утро ќе се разбудат како успешни жени (принцези) по кои помалку успешните мажи ќе го жртвуваат целиот свој предходен живот за да ги освојат?“
Ума Турман глуми докторка со радио-емисија и книга за самопомош, базирана на нејзините познавања и знаења, што значи дека се изнаработела во животот за да стигне до таму. Не е дека „се разбудила еден ден како принцеза“. Помалку успешниот маж, во случајов Џефри Дин Морган не си го промени животот воопшто за да ѝ се доближи. Напротив, животот му го промени свршеничката што реши да се повлече (а дискутабилно е колку е докторката овде виновна). Од денешна гледна точка, пожарникар особено не звучи така инфериорно.
Според тоа, никој не се разбудил во ништо. „Помалку успешниот маж“ не жртвуваше ништо. Всушност, Ума Турман ја жртвуваше стабилната врска за неочекуваната нова љубов за која не можеше да биде сигурна дека ќе биде стабилна.
„Дали е време идните генерации да се соочат со реалност на животот и да ги остават „принцезите“ и „принцовите“ да го создадат своето „кралство“ пред да се претставуваат како „аристократи“?“
Можно е идните генерации да се мачат исто како досегашните и ваквите ведри приказни да им се бегство во свет на кралства и аристократи. Иако овде баш и немаше принцези, кралства, принцови и аристократи.
„Дали преку професијата на главниот лик и нејзините совети, жените можат да донесуваат животозначајни одлуки во име на двајцата партнери базирани на советите на тој лик, кој преку призмата на својот светоглед влијае на цели генерации женски деца?“
Многу е важно да сфатиме дека секоја одлука ја носиме сами за себе и дека ако сме сигурни во нешто, нема шанси некој да нѐ предомисли. Во случајов, веридбата беше пропадната од моментот кога Софија го загледа вереникот како игра фудбал, не во моментот кога докторката на радио ѝ рече „пази што правиш“. И Софија не ја носи „животозначајната одлука во име на двајцата партнери“, туку ја носи исклучиво за себе, а нејзиниот партнер е случајно „жртва“ на одлуката.
А, околу влијанието на цели генерации женски деца - не е овој филм толку „тешка категорија“. Секојдневно има книги, колумни, статии, филмови што можат „да влијаат на женските деца“. Обврската лежи во возрасните да воспитаат самостојни, одлучни и мудри женски деца кои ќе можат да се потпрат на себе во животот, да си бидат доволни, а партнерот што ќе го најдат да биде само дополнување на нивниот свет.
„Кое би било реалното сценарио доколу оваа приказна се случуваше во реалниот живот?“
Веројатно долго, долго чекање по шалтери и префрлање надлежност да се исправи грешката. Може и ќе се оставеа младите дур да се одлучи кое одделение е надлежно.
„Кој лик/ликови се невини жртви?“
Единствена невина жртва во приказната е Ричард, ликот на Колин Фирт. Другите може и да стануваат жртви повремено, ама не и невини.
„Кој лик/ликови се добитници?“
Најверојатно сите. Вљубените главни ликови остануваат заедно, споредните ликови се среќни, Софија не влегла во брак што не го сака, Колин Фирт избегнал брак во кој би бил неисполнет. Дури и Карл Болембeкер си доби неочекувана журка.
„Кој лик/ликови се губитници?“
Нема.
На крај, кога ќе размислам, супер беше предизвикот.
Fun Fact: Девојката на Сем Шепард во приватен живот му е жена на Тони Шалуб од „Монк“.
Ете, така.
До некоја следна анализа,
Ј.
OffCafe
Истиот предизвик, ама на Букбокс:
Нарачана Букбокс гледанка: „Сопруг на шашма“ (Accidental Husband, 2008)