Конечно, нова ера за женското здравје

Тампон кој не протекува. Тест за рак на грлото на матката што можеш да го направиш дома. Апликација што ги следи симптомите на перименопауза и ти дава јасност во еден период полн со прашалници. Не се ова само „јаки пронајдоци“, туку конечно реални решенија за реални проблеми кои предолго беа игнорирани.

Иновациите во женското здравје не се веќе луксуз, туку нужност. Отсекогаш биле, само изгледа конечно се свести науката. Женското здравје со децении беше третирано како споредна тема во медицината. Болките беа нарекувани „нормални“, симптомите занемарени, а истражувањата минимални. Но, последните години, неколку паметни, храбри и упорни жени - научнички, докторки, иноваторки и основачки на стартапи - ја менуваат таа слика и не само што ги препознаваат празнините во здравствениот систем, туку активно ги пополнуваат.

Она што некогаш беше тивок шепот за промена, сега станува гласен бран. Терминот „femtech“ - технологија фокусирана на женско здравје - веќе не е маргинална категорија, туку индустрија што забрзано расте и според извештај на Emergen Research, глобалниот пазар на фем-тек ќе достигне вредност од 60 милијарди долари до 2027 година. Конечно, и инвеститорите почнуваат да сфаќаат дека грижата за жените е добра инвестиција.

Гинекологот д-р Карен Тан објаснува дека во текот на нејзината кариера може „на прсти да ги изброи новите третмани и технологии во гинекологијата“. Затоа, новите неинвазивни тестови за ендометриоза, домашното ХПВ-скрининг средство или новите генерации лекови се, како што вели, возбудливи и долгоочекувани. За д-р Гил Вајс, специјалист за женско здравје во Чикаго, ова е „нов бран истражувања што може да доведе до поправеден здравствен систем за сите“.

Меѓу најзначајните иновации се Sequel Spiral - првиот нов дизајн на тампон по речиси еден век, со спирална форма која спречува протекување. Потоа, имамеTeal Wand - регистрирано и безбедно средство за домашно тестирање за рак на грлото на матката, алтернатива за сите што избегнуваат гинеколошки преглед поради страв, време или пари.

За жените што влегуваат во перименопауза, кога симптомите знаат да бидат збунувачки и тешко мерливи, постои Peri од компанијата identifyHer - уред што се носи на телото и следи параметри поврзани со хормонските промени, нудејќи лични препораки. А за хроничните инфекции на уринарниот тракт, особено отпорните на антибиотици, конечно постои нова надеж: gepotidacin (под брендот Blujepa), првиот нов класичен антибиотик за овие инфекции во последниве 30 години.

Ендометриозата - состојба што ги мачи милиони жени, но која може да остане недијагностицирана и до 11 години - исто така добива своја револуција. Уреди како Q-Pad и Smart Tampon користат анализа на менструалната крв за потенцијално побрзо и попрецизно дијагностицирање на оваа комплексна состојба.

Сето ова не е само технолошки напредок, туку е културно и етичко тектонско поместување. Од свет каде што жените мораа да се борат да бидат сфатени сериозно, кон свет каде што се третирани како рамноправни учесници во сопственото здравје. Инновациите се тука, но сѐ уште сме на почетокот. Конечно е барем вистинскиот почеток.

6 август 2025 - 14:20