Литиумот му е душман на Алцхајмер

Литиумот, кој вообичаено го има во батериите, мошне веројатно е многу важен за работата на мозокот. Забележано е дека го нема доволно во мозочните ткива на пациентите од Алцхајмерова болест. Кога на болни глувци им додавале од металот, значително им ја подобрил состојбата. Тоа дава надеж дека би можело да се развијат третмани за превенција и лекување на деменцијата.

Експертски тим на Медицинскиот факултет на Харвард истражувал дали присуството на метали во клетките има врска со деменцијата. Тие испитувале стотици донирани примероци од мозочно ткиво и крв на луѓе со Алцхајмерова болест во напредна фаза, со благо когнитивно оштетување (MCI) во рана фаза и без никакви когнитивни проблеми. Од десетици метали само литиумот бил во значително различни концентрации.

Идејата дека недостатокот на литиум може да биде причина за Алцхајмерова болест е нова. Никој досега не покажал дека литиумот постои на биолошки значајно природно ниво, како железото и витаминот Ц, без да се дава како лек, вели генетичарот и невролог Брус Јанкнер од Харвард.

Со понатамошни анализи било откриено дека со литиумот во мозокот се врзуваат грутки од амилоид-бета протеини, кои се типични за Алцхајмеровата болест. Со тоа се намалува неговата достапност за невроните и се забрзува прогресијата на болеста.

При експерименти кај глувци било откриено дека спуштањето на нивото на литиумот драматично ги зголемило протеинските грутки во мозоците. Зголемена била и концентрацијата на протеинот „тау“, кој исто така е поврзан со Алцхајмеровата болест.

Литиум оротат најефикасно избегнувал да биде заробен од амилоид-бета протеините. Само мали дози од овој специфичен тип на металот ја обновиле мемориската функција кај глувци со симптоми слични на Алцхајмеровата болест. Не биле забележани ни други знаци на когнитивен пад.

Сè уште има многу неодговорени прашања за оваа неверојатно комплексна болест. Не ни е јасно зошто нивото на литиум може да падне и како тоа води до деменција, велат истражувачите.

Следниот значаен чекор се клиничките испитувања. Ако се покажат успешни, Алцхајмеровата болест би можела да се дијагностицира порано со мерење на нивото на литиум кај пациентите, а можно е да се развијат додатоци врз база на литиум како превентива или третман.

Мора да бидете внимателни при екстраполирање од модели на глувци. Никогаш не знаете сè додека не го пробате во контролирано клиничко испитување на луѓе, но досега резултатите се многу охрабрувачки, вели Јанкнер.

8 August 2025 - 13:27