Бузлуџа - бугарскиот споменик кој личи на НЛО и привлекува бројни авантуристи

На три часа од Софија, длабоко во срцето на Стара планина, се наоѓа необичниот објект познат како „Бугарското НЛО“ — споменикот Бузлуџа. Издигнувајќи се на истоимениот врв, тој е видлив од далеку и остава силен впечаток кај оние што првпат го здогледуваат.

Се работи за бетонска градба во облик на вселенски брод, официјално наречена Дом-споменик на Бугарската комунистичка партија, отворен во 1981 година по осумгодишна изградба. Нејзиното место е симболично избрано — на Стара планина, односно на врвот Бузлуџа во 1868 година се воделе битки меѓу бугарски востаници и Отоманската империја, а подоцна таму е основана и Социјалдемократската работничка партија, која ќе прерасне во БКП.

Главен архитект бил Георги Стоилов, поранешен градоначалник на Софија и ко-основач на Здружението на архитекти на Бугарија. Врвот бил израмнет за да овозможи стабилни темели со користење експлозив ТНТ, при што висината на планината се смалила од 1441 на 1432 м. На времето неговата изградба чинела повеќе од 14 милиони лева, или денешен еквивалент на 35 милиони долари. 

По падот на комунизмот во 1989 година, споменикот бил напуштен и оставен на забот на времето. Денес тој е наполу урнат, со скали кои не водат никаде, распаднат кров и вандализирана фасада, покриена со графити како „Никогаш не го заборавај своето минато“ и „Уживај во комунизмот“.

Иако затворен за јавноста, многу авантуристи продолжуваат да го посетуваат, наоѓајќи начини да влезат во внатрешноста. Таа е морничава, исполнета со урнатини, отпадоци и мозаични ѕидови со ликови на Маркс, Енгелс, Ленин и бугарски политичари. Во централната сала — наречена Свечена — некогаш имало 500 квадратни метри мозаици, но денес таа се распаѓа.

Се уште е можно човек да се искачи во високата кула, иако тоа е ризично — се оди низ мрак и рѓосани премини, до самата осветлена горна платформа, од каде има спектакуларен поглед на Стара планина.

Иако има иницијативи споменикот да се реновира и да се претвори во музеј, засега тоа не е реализирано. Објектот продолжува да пропаѓа, а неговата иднина е неизвесна. Но, интересот за оваа чудна и величествена структура сè уште не стивнува.

Оваа година, од 15-17 август околу некогашниот Дом Фондацијата Бузлуџа по петти пат организира тридневен фестивал, посветен на зачувувањето и промоција на споменикот за образовни и туристички цели.

Фото: Аннбоева, CC BY-SA 4.0 и Станислав Трајков, CC BY 3.0 (извор: Википедија)

7 August 2025 - 19:12