Трамп помодрел од стискање раце
18 July 2025
- Доналд Трамп страда од хронична болест на вените, која не е опасна и е вообичаена за луѓе постари од 70 години, објави Белата куќа.
- Фотографии на помодрената рака и потечените глуждови на Трамп поттикнаа бран шпекулации за состојбата на 79-годишниот претседател.
- Сеопфатен преглед, кој вклучувал и васкуларно тестирање, покажал дека отокот на глуждовите е последица на хронична венска инсуфициенција, која се јавува кога вените на нозете не успеваат да ја пумпаат крвта до срцето, па таа се собира во долните екстремитети. Не биле откриени траги од тромбоза или артериска болест. Како третман се препорачува носење компресивни чорапи.
- „Состојбата е бенигна и честа, особено кај луѓе над 70 години. Дополнителните тестирања не покажаа знаци на срцева слабост, бубрежна инсуфициенција или системска болест кај Трамп. Севкупно тој е во одлична здравствена состојба“, забележал лекарот на Белата куќа, Шон Барбабела.
- За вообичаени се оценети и модринките на рацете, кои се видливи на поздравувањето на Трамп со премиерот на Бахреин и со францускиот претседател Макрон во февруари. Тие веројатно се последица на често и цврсто ракување, во комбинација со редовното земање аспирин, како превентива против згрутчување на крвта и срцев удар.