Букбокс гледаше: „Лекцијата“ (2023)

Разочарувањето од филм е многу поголемо ако тој има одлични предуслови да биде добар - приказна, актерска екипа, локација - а не е. Тогаш е тешко и да се покаже со прст каде е промашено, ама чувството е такво. Како со овој филм.

Лиам е дипломец по книжевност од Оксфорд, најмен од богато семејство за да го подготвува тинејџерот Берти за влез на престижниот универзитет. Таткото, Џ. М. Синклер е славен писател кој долго време нема објавено нова книга. Мајката Хелена е уметник и трговец со уметнички дела. Врз семејството се уште лебди сенка од настан кој се случил пред две години, кога постариот син, Феликс, се самоубил, давејќи се во езерото на имотот. Лиам добива мала куќа за престој и почнува да живее со нив, постепено вплеткувајќи се во семејните тајни и судирајќи се со суровиот и суетен патријарх. 

Од оние сте кои пред гледање филм го проверувате за да не губите скапоцени два часа од викендот, но за овој го прескокнувате ваквиот чекор, убедени дека филм со Ричард Грант, со фаца на архетипски „зликовец“, и со се уште студено сексипилната Жули Делпи, не може да промаши. Плус ве повлекува името на главниот лик, Џ. М. Синклер, за кое подоцна откривате дека за жал нема никаква врска со славниот истоимен лингвист. Првиот половина час заплетот тече мазно - туторот и неговиот ученик полека се зближуваат, низ прозорецот од својата соба тој ги следи интимностите на своите домаќини, па дури и помага во поправање на печатари и заглавени компјутери додека Синклер го пишува својот нов, долгоочекуван роман, на тој начин стекнувајќи ја неговата доверба. 

Токму тука филмот запаѓа во неуверливи ситуации, кои треба да водат кон катарзично финале на разрешување на мистериите - како и зошто умрел Феликс и кој е всушност авторот на ремек-делото во подготовка. Скапоцениот документ исчезнува од компјутер поради наводен вирус, а од него нема ниту една копија? Лиам со својата фотографска меморија успева да се сети збор до збор на книга која ја има прочитано само еднаш и да ја препише на рака? Кога во злокобното езеро ќе се појават само неколку меурчиња од последниот здив на еден од ликовите (без спојлери, иако веќе претпоставувате) и филмот конечно издишува. Тој поставува интересни прашања за авторството, оригиналноста, макијавелистичката уметничка суета. За жал, не одржува и подеднакво интересна лекција.

Илина, Букбокс

30 June 2025 - 10:48