- Украинската служба за безбедност СБУ објави дека со експлозив активиран под вода извршила напад врз Керчкиот мост што ја спојува Русија со Крим.
- Рано изутрината биле детонирани 1.100 килограми експлозив до носечки столб на мостот, опишан како легитимна цел, бидејќи Русија преку него префрла трупи, оружје и опрема за воените операции во Украина. При нападот немало жртви.
- „Го нападнавме мостот до Крим во 2022 и во 2023 година. Денес ја продолживме оваа традиција од под вода“, објави СБУ. Не даде детали за операцијата, но истакна дека била планирана со месеци.
- Надлежната руска служба објави дека мостот бил затворен за сообраќај во периодот од 4 до 7 часот, но и дека потоа бил отворен и функционира нормално. Руски воени блогери објавија дека нападот бил извршен со подводни дронови и дека не бил успешен.
- Украинската СБУ пред два дена ја спроведе операцијата „Пајажина“, која се опишува како „Рускиот Перл Харбор“. Со дронови од камиони длабоко на територијата на Русија биле погодени 40 авиони во четири воздухопловни бази, при што биле уништени 13 стратегиски бомбардери и други летала. Операцијата била планирана 18 месеци.
- Двајца кинески државјани се приведени во САД поради шверц на токсична габа, која е опишана како потенцијално „агротерористичко оружје“ за уништување прехранбени култури.
- Јунчинг Џијан, вработена како истражувач на Универзитетот во Мичиген и нејзиното момче Ѕунјонг Лиу, вработен на универзитет во Кина, со себе донеле во САД примероци од Fusarium graminearum, габа што скаменува зрна на пченка, пченица и други жита.
- Лиу во Џеџијанг работел на проучување биолошки патогени со потенцијал да заразат земјоделски култури. Сакал да ги испита габите во лабораториите на кои работи неговата девојка.
- Лиу бил итно депортиран во Кина, а Џијан е уапсена. Истрагата утврдила дека таа добивала финансии од Комунистичката партија на Кина за истражување патогени, изјави директорот на ФБИ, Каш Пател.
- Државниот секретар Марко Рубио пред една недела најави дека САД „агресивно“ ќе ги поништуваат визите на кинеските студенти, особено на оние кои одржуваат врски со Комунистичката партија и кои работат на „критични полиња“.
- Синоќа во близина на Студентскиот град во Белград бил нападнат и тепан Милош Павловиќ, оној студент по медицина кој стана гласноговорник на „студентите кои сакаат да учат“, погрдно наречени „ќаци“ (по еден погрешно напишан транспарент).
- Толпа го начекала кога со пар пријатели излегувал од кафиќ, па фатиле да ги маваат со лименки, шишенца вода, јајца... а потоа ги oпколиле, тепале и шутирале.
- Александар Вучиќ порача дека државата досега трпела и молчела но дека сега ќе реагира и сите кои уествувале во линчот ќе платат со тоа што ќе се соочат со лицето на правдата.
- „Доколку ректорот Владан Ѓокиќ не го осуди насилството и ако продолжи да молчи и после овој брутален напад на студенти кои сакаат да учат, единствен правилен чекор ќе биде негова оставка,“ кажа професорот Јован Петров кој пред некое време и самиот мина низ еден непријатен шпалир студенти - блокадери кои го навредуваа и исвиркуваа.