Иако видео игрите често користат музички извадоци од опери и класична музика, најчесто тоа се прави со кратки парчиња, воведи или нешто што треба да пополни празнина во преоди помеѓу нивоа. Марио Брос, популарната игра од 1983, на пример, во воведот пред својата главна тема имаше неколку тактови од „Мала ноќна музика“ на Моцарт. Сепак, оперски секвенци кои се појавуваат внатре во играта, односно нивни мелодии кои треба да звучат како песни, се многу почести. Тие ги прикажуваат сценски поставените опери како нешто што е суштински дел од естетското искуство на играта.
Две такви, „Хитмен: крвави пари“ (2006) и „Асасинс крид 3“ (2012) од играчот бараат да изврши убиство во тек на замислена изведба на опера. Во првата станува збор за „Тоска“ на Пучини - ликот на убиецот треба да изврши атентат врз актерот кој ја игра главната машка улога, Каварадоси и врз еден дипломат. Во „Асасинс крид тројка“, која се одвива во Англија во 1754, играчот е благородникот Хејтам Кенвеј кој ја следи „Просјачката опера“ на Џон Геј, за да може да убие човек во публиката кој седи во една од ложите. Убиството се случува во текот на позната арија од оваа опера.
На некој начин во обата примера се преисиптува наводниот елитен статус на операта и исто така наводниот популистички (низок) статус на гејмингот, сугерирајќи многу посложена и компатибилна врска помеѓу двете, која се остварува преку нивната фузија во гејмерските светови. Претставувањето на операта во игрите е технички сложено и не се прави туку-така, што значи дека креаторите на играта се длабоко убедени во значајноста на овој чекор за играчкото искуство.
Истовремено, креаторите внимаваат на изборот не само во смисла на мелодија и атмосфера, туку и на историската позадина на делото. Понекогаш композиторите за видео-игри си пишуваат и свои опери. Така, во хорор играта „Паразитот Ева“ (1998) има оперска сцена со музика компонирана од Јоко Шимомура. Таа служи како вовед во хорор наративот кој се случува помеѓу Божик и Нова година. Операта вклучува принц кој го моли својот татко да му дозволи да се ожени со девојка по име Ева, за којашто кралот верува дека е зла. Откако кралот наредува таа да биде убиена со нејзино палење на клада, Ева почнува да пее арија. Ова е проследено со промена во стилот на видеото и поттикнува пресврт во приказната, после кој играчот станува Аја Бреја, полицајка од Њујорк. Истата опера е изведена на крајот од играта правејќи од двете приказни една целина.
Сепак, најпознатата оперска сцена се појавува во „Фајнл фантази 6“ (1994), каде за да добие контрола врз вселенски брод една група на востаници контролирани од играчот се обидува да го спречи грабнувањето на Марија, оперска пејачка. Една од востаничките ја имитира Марија, пеејќи арија од операта „Марија и Драко“. Кога ќе биде киднапирана (наместо вистинската Марија), таа е однесена на спомнатото летало и на тој начин почнува од внатре да ја помага акцијата на нејзините „колеги“. За да продолжи приказната, од играчот се бара прво да го прочита либретото и да го запомни, а потоа да ги пополни празнините во стиховите кои се пејат во спомнатата сцена, со бирање на еден од неколку понудени одговори. Така, таа станува една мини-игра или квиз, за потоа групата да почне да се бори со „лошите“ на сцената.
Видео игрите се по својата природа мултидисциплинарни уметнички дела во кои визуелното, звукот и интерактивноста постојат исстовремено и овозможуваат продлабочено искуство. Вметнувањето на оперски сцени во сето ова само додава на фантазмагоричноста и на заводливоста на фиктивните светови.
Aнализа на сцени со оперска музика од игри од страна на оперски пејач: