Луѓето со право можат да се наречат „дедуктивни машини“ - располагајќи со мал број информации, тие можат да претпостават, со висока веројатност, дали некој е психопат, геј или потенцијален убиец. Терминот „стереотип“ често се изедначува со лажна, неточна претпоставка, но всушност точноста на стереотипите е еден од најчесто потврдените наоди во психологијата, без оглед дали станува збор за етничност, сексуална припадност или земја на потекло. Секако, кога подобро ги запознаваме луѓето, како поединци, се обидуваме да ги разбиеме овие предрасуди и повеќе да се потпираме на нашето искуство. Но до тој момент, тие се единственото што го имаме.
Еден од нив се однесува на семејното потекло на луѓето што прв пат ги запознаваме, особено доколку сме ставени во ситуација да им довериме нешто што ни е важно - клуч од дома, пари на заем, ќерка или син за женење. Во недостаток на подолгорочно искуство со личноста за којашто станува збор, впечатокот го формираме врз основа на фактите кои стојат на располагање. На пример дали можеби во семејството имало насилство, криминално или некакво друго негативно однесување кое би можело да се пренесе, или преку биолошко наследување, или преку формирање на начинот на однесување. Овој вид на судови базирани на нечии роднини можат да се наречат „интуитивна бихејвиорална генетика“.
Врз основа на овој феномен може да се објасни традицијата на наследување на кралската функција, од татко на син (поретко на ќерка). Детето чиј татко не бил владетел би имал карактеристики кои населението потешко би можело да ги предвиди. Дури и во демократии, роднини на политички лидери поверојатно завршуваат на високи позиции. Секако, голем удел во ова би можел да има непотизмот и едноставната препознатливост на презимето. Но ова објаснување ја маргинализира важноста на рационализацијата инхерентна за политичките династии, довербата која луѓето ја имаат во членови на семејства на политичари кои се покажале како вредни за истата, нашата тенденција да припишуваме одредени психолошки карактеристики на благороднички семејства. Секако и обратно, доколку одреден владетел се покажал како суров и неправеден, ова како потенцијал да се припишува и на неговите наследници, па да е и можна причина за негово свргнување - желбата синџирот на владеење на такви лидери да заврши.
Интуитивната бихејвиорална генетика исто така е објаснување зошто истакнатите политички семејства толку многу се плашат јавно да зборуваат за свои членови со психолошки, ментални и други генетски проблеми. Истите интуиции кои градат доверба можат да сеат и недоверба. Еден таков, помалку познат пример е Роџер Клинтон помладиот, полубрат на Бил Клинтон. Тајните служби му дале прекар „Главоболка“, бидејќи постојано правел проблеми, а на крај добил помилување од претседателот за поседување кокаин. Неговите палавости можеле да влијаат врз имиџот на Бил, особено по скандалите поврзани со Моника Левински. Розмари Кенеди, помладата сестра на Џон Ф. Кенеди, била трајно инвалидизирана по лоботомија која требало да ги излечи нејзините променливи расположенија. Има голем број такви приказни за водачи, политичари и славни личности кои ги имаат криено своите „несоодветни“ роднини (види претходно Тажната, вистинска приказна за братучетките на кралицата Елизабета).
Со оглед на моќта на роднинскиот стереотип, особено во средини во кои ваквите социјални врски се се уште многу силни наспроти индивидуализмот (како нашата), чудно е што нема повеќе истражувања на темата. Социолози кои се занимавале со неа дошле до изразот „стигма според познанство“, а тоа е онаа етикета која се добива доколку некој е поврзан со стигматизиран во општеството, на пример ако се дружи со „лошо друштво“. По истиот принцип важи и семејната стигма, од која човек тешко или никако не се ослободува, колку и во животот да се покаже различен од своите роднини.