„Дале а ту куерпо алегрија - Макарена,
ќе ту куерпо ес па дарле алегриа и коза буена...“
Дали ви се случило да пеете песна што ви се допаѓа, механички повторувајќи ги стиховите, а притоа да немате поим за што станува збор? Ова е прилично чест феномен, и освен ако баш не сте решиле со речник да го преведувате секој стих, тоа дали навистина знаете што е нивното значење обично не прави разлика во тоа колку ви се допаѓа мелодијата (и колку од зборовите всушност погрешно ги изговарате).
Зошто се случува ова? Одговорот е сложен и има врска со нешто што музиколозите го нарекуваат „звучен симболизам“. Тој се однесува на проучувањето на врската помеѓу она што е изустено (изговорено, испеано, изразено со звук) и неговото значење. Притоа не мора да станува збор само за музика. Оние кои се занимаваат со маркетинг можат да претворат мелодија во звучен симболизам како дел од својата стратегија за создавање привлечни имиња на брендови. Има нешто во зборовите и кога не го знаеме нивното значење, или токму поради тоа - како тие звучат.
Кога слушаме музика на странски јазик кој не го познаваме тогаш за нас стиховите престануваат да бидат зборови туку тие се звуци, дел од мелодијата.
Човечкиот мозок еволутивно е наштелуван да реагира на звуци. Притоа нашето дишење, движење, па дури и неврални активности се синхронизирани со она што го слушаме.
Ова е објаснувањето зошто брзата музика е толку популарна за фитнес вежби или зошто некои тренери по јога пуштат ритмички и мелодични песни на нивните часови.
Но кога во мелодијата има и зборови тогаш тие стануваат дел од множество елементи, како висина и боја на тон, хармонија, опсег на тонови. Сето ова има физичко влијание врз слушателите. Сите тие, доколку се погодат, го ослободуваат гласот од товарот да кажува нешто што има какво и да е значење. Со други зборови, елементите на музиката како скали и мелодија се комбинираат со звукот на стиховите за да создадат значење кое е независно од она врзано со зборовите. Токму поради тоа се вели дека музиката е универзален јазик, без оглед на кој јазик се пее во нејзина придружба.