Зошто им се доверуваме на непознати?

Харвардски социолог во својата книга „Некој со кого можеш да зборуваш“ (Someone to Talk To) се обидува да објасни зошто наместо на најблиските често се одлучуваме да им се отвориме на сосема непознати луѓе.

Адам Смит во 1790 напишал дека сочувство можеме да очекуваме само од вистински пријатели, не и од случајни познаници. Во 1973 социологот Марк Грановетер од Стенфорд тврдел дека се потпираме на „силните“ врски (на нашиот најтесен круг) за поддршка, а на слабите врски (на нашите познаници) за информации.

Но истражувањето на Марио Луис Смол, харвардски социолог и автор на „Некој со кого можеш да зборуваш“ дало сосема поинакви резултати.

Според него скоро половина од луѓето со кои ги дискутираме важните работи од нашиот живот не се оние кои би ги идентификувале како најблиски. Тој потврдува дека се потпираме на овие силни врски, но дека тоа не е целата слика. Можеме да добиеме голема поддршка и од „слабите“ - колегите, луѓето со кои повремено се дружиме или со кои доаѓаме во случаен контакт.

Причини за ова се можеби зголеменото ниво на осаменост, работењето од дома (што ја намалува шансата за повремени а значајни поврзувања), и повисоките стапки на самечки домаќинства. Според Смол најголем проблем денес имаат не оние кои не можат да именуваат тројца-четворица од нивната „мрежа за спасување“, туку оние кои буквално не се среќаваат со никого на постојана основа.

Има и други причини зошто би ги одбегнувале најблиските кога се соочуваме со проблеми поврзани со здравје, љубов, работа или деца. Најблиските врски, имено, се и најсложените. Сопругот/сопругата често ни се и пријатели, љубовници и поддржувачи на нашата професионална работа. Родителите, пак, ни ги имаат целите животни стории во нивната глава. Кога ни треба утеха од нив, не сме сигурни која од овие улоги тие ќе ја играат. Стравуваме дека можеби тоа ќе биде онаа од која нема да ја добиеме безусловната поддршка која во моментот ни треба, туку дека ќе следи и некоја критика или укор. Затоа се вртиме кон некого кој знае многу помалку, или ништо за нас, а кој во идеален случај поминал низ истото што и ние. На овој начин даваме предност на тн. „когнитивна емпатија“ пред блискоста или топлината.

Во моменти на криза на некои од нас едноставно им е битно да зборуваат, па му се отвараат на секој оној кој е подготвен да слуша. Идејата дека луѓето се конструирани така за да дејствуваат промислено во ваквите случаи паѓаат во вода - поврзувањето со друг човек добива предност пред каква и да е претпазливост во однос на дискреција или злоупотреба на нашите приватни податоци. Што на крајот на краиштата и не е лошо, бидејќи од ваквите случајни познанства можат да произлезат и корисни информации, па дури и пријателства.

извор

види претходно: Проект: клупа за муабет против осаменост

3 март 2020 - 19:12