Зошто е ова важно за нас, прашува Јерговиќ? Затоа што тоа е заканувачка вест за поборниците на сите малцински верувања во Европа, од хрватските и полските атеисти, до француските муслимани и Евреи низ Европа.
***
Тешко на болните кои страдаат од ретки болести, и на верниците кои веруваат во ретки култови. Првите ќе умираат затоа што што за нив нема да има лек, а на другите верата ќе им биде забранета штом владетелот ќе почувствува потреба да му се додвори на мнозинскиот култ или да се постави на негово чело.
Така, еве, читаме овие денови, Владимир Владимирович Путин ги забранил Јеховините сведоци, то ест ги ставил во ист кош со екстремистичко-терористичките појави како Ал Каеда и Исламска држава. Значи, од оваа пролет, согласно одлуката на Министерството за правда, во Русија нема разлика дали си Јеховин сведок, или „јеховец“ како што понекогаш со омаловажување ги нарекуваат - или си подготвен да се опашаш со експлозив и да се разнесеш во преполно московско метро. Начелно, според оваа логика, исто е ако по цел ден му се молиш на Бог, одбиваш оружје и служење војска, не им се поклонуваш на татковинските култови, одбиваш бакнување на националниот грб и на знамето, и ако во Божје име палиш, колеш и сотираш. Согласно на тоа, во Путинова Русија наскоро би можело да биде општествено поприфатливо да се биде убиец во име на конкурентскиот култ, отколку верник на малцинско верување. И тоа на она верување кое пропишува тотална пасивност во односот кон државната власт, обичаите и прописите.
Но секако, Путин веќе не е никаков исклучок, ниту пак има смисла да се претставува како планетарна и европска Баба Рога. Исто, ако не и многу полошо, е во Ердоганова Турција, каде повеќемилионската заедница алавити - муслимани, чиј култ е најблизок на шиитскиот - нема право на јавно постоење и исповедување на својата вера, а многу полошо е во „ослободените“ земји на Блискиот и Средниот Исток, пред сè во Ирак, каде поради погрешна вера и малцински култ се губи глава. За Саудиска Арабија па и да не говориме. Во таа најважна американска сојузничка помеѓу мислиманскиот свет со смртна казна е спречено секое верување, освен она владеачкото, на селафиско-сунитскиот ислам. Таму, како и во поголемиот дел на муслиманскиот свет, кривоверството е рамно на срамота, а срамот рамен на злостор.
Така е тоа таму, и поради вистината вреди да се нагласи дека е така, но состојбата на верските, човечки и малцински права во овие земји сепак за нас е маргинално прашање. Од друга страна, она што се случува во Русија и Турција не е маргинално. Овие две земји се дел од Европа. Освен што ѝ припаѓаат во културна и цивилизациска смисла - и тоа во целина, од Стамбол до границата со Сирија, од бившиот Ленинград сè до Владивосток - Русија и Турција се вградени во Европа така што политичките околности и приликите во Москва или Цариград секако влијаат на околностите и приликите во Париз, Берлин и во Брисел. Суштински, Русија и Турција не се ништо помалку Европа од Велика Британија. По брегзит дури и малку повеќе. Така, кога првата европска фашистка Марин Ле Пен тргнуваше во предизборна кампања, таа почна од Москва, каде ја прими и фактички ја поддржа Владимир Путин. Па тогаш кога во Русија Јеховините сведоци биваат прогласени за терористи, тогаш тоа е важна и заканувачка вест за поборниците на сите малцински верувања во Европа, од хрватските и полските атеисти, до француските муслимани и Евреи секаде каде што се уште ги има низ Европа.
Притоа, веста за забраната на Јеховините сведоци во Русија кај нас едвај да е објавена, а таму каде што е објавена е дочекана со исмевање, но не само на сметка на Путин, туку по малку и на сметка на прогонетите. Луѓето, дури и сосема добронамерните, веднаш би да бијат шега на сметка на Јеховините и на нивните страдања. На таква шала можеби и и имаат право, но треба да се свесни за разликата помеѓу прогонетиот и прогонителот, и да имаат емпатија за жртвата.
Јеховините сведоци се следбеници на за нас релативно нов култ, кој почна да се шири кратко пред падот на комунизмот. Се појавија на улиците и на плоштадите, тивки но многу упорни, држејќи го пред себе најновиот број на Стражарска кула. Обични скромни луѓе, наши соседи, чии појави обично сугерираат припаѓање на некоја ниска-средна граѓанска класа, пензионирани службеници и домаќинки во години, тргнаа во мисионерски поход, кој од мисионерскиот поход на мнозинските култови се разликува по тоа што зад нив не стојат војската ни полицијата, ниту државата или каква и да е државна институција, ниту голема меѓународна организација и корпорација. Тие се совршено изолирани и сами - иако поборниците на теоријата на завера сега ќе утврдат нешто спротивно - и изложени на презир од секаков вид.
Она што човек го помислува кога прв пат ќе ги види, па го помислува и секогаш кога ќе ги види следниот пат е - како не им е непријатно, така да стојат изложени на сè и сешто, а најмногу на тоа дека верата кај примитивците обично се манифестира со пцуење и плунка упатена кон секој кој верува во нешто друго. Дури влегуваат и по згради, чукаат на врата, ѕвонат, проповедаат на секој кој сака да ги чуе, и бараат осамени, напуштени од светот, кои се најлесни за преобраќање.
Пред појавата на Јеховините сведоци, уште во времето на длабокиот социјализам, по нашите градови (се мисли на хрватските) почнаа да се движњат „суботари“. Адвентисти на седмиот ден, кои не јадат свинско, не пијат алкохол, кафе и чај, а саботата им е отприлика исто што и на еврејските верници им е шабат. Не ги имаше многу, многу помалку отколку што денес има Јеховини сведоци, но беа изразито видливи бидејќи, за разлика од католиците, православните и муслиманите, не се служеа со општествена мимикрија, не се прилагодуваа на приликите во атеизираното општество во кое заедно со прокламирањето на неверба во Бога можеа да се добијат одредени привилегии, туку одеа наоколу и го проповедаа повторното доаѓање на Исус, одбиваа да одат во војска, да носат оружје и да учествуваат во патриотски церемонии, па оттаму често завршуваа на робија. Кога би биле макар малку почесни, па кога би барале верска заедница која најмногу страдаше под југословенската варијанта на комунизмот, и процентуално мина и најмногу време во затвор, тоа сигурно би била заедницата на суботарите или адвентистите.
Кога почна војната во Сараево, Адвентистичката црква организираше една од најубавите и за луѓето најважни хуманитарни акции. Кога во градот не можеше да влезе ни игла, кога не функционираше поштата, а добротворните организации на мнозинските заедници, муслиманската, православната и католичката без меѓусебно уценувани од сопствените војски и власти, преку адвентистите се праќаа пакети во град. Беа обзирни, внимателни и грижливи. Не се слушна да исчезнат пакети, како што знаеа да исчезнуваат кај другите. Дозволуваа по тие пакети да се праќа што и да е, па и она што е против нивните верувања, само не допуштаа алкохол. Но кога помина војната, никој веќе не се сеќаваше на нивната добрина.
Јеховините сведоци изникнаа од заедничкото, протестантско-адвентистичко стебло. На нивниот основач, чија слика можете да ја најдете во секој број на Стражарска кула, името му е Чарлс Тејз Расел. Се родил како презветеријанец но, како и голем број други американски проповедници од крајот на 19 век, трагал по некоја своја вистина, и притоа издавал свои мали и многу тиражни списанија, во кои најавувал повторно доаѓање на Исус, кој, велел, на земјата ќе се појави невидлив или во непрепознатлив облик. Но важно е дека ќе се појави и дека ние треба да го чекаме. Пo смртта на Расел, во 1916, од неговите учења настанале Јеховините сведоци.
Приказната за нив е важна, а со тоа и нивната забрана во Путинова Русија, затоа што не е забележано тие да се служеле со сила, макар и во некој метафоричен облик и во преносна смисла. Тие се како тапири, речиси неподносливо мирољубиви, неподготвени на било кого и на било што да му пружат активен отпор. Значи, ако постои апсолутна спротивност на мнозински култови, на нивните институции и на репресивните државни апарати кои помагаат за и самите да бидат потпомогнати од мнозинските култови, тогаш тоа се Јеховините сведоци. За тие да бидат прогласени за атеисти нужно е да се направи оној орвеловски пресврт од романот „1984“. Мирот е војна, фашистите се антифашисти, Јеховините сведоци се терористи. Затоа и Владимир Путин ги забрани. И затоа неговата забрана нема да наиде на отпор и на згрозување, како на антидемократскиот Исток, така и на демократскиот Запад.
Автор: Миљенко Јерговиќ