Со големи маки идниот претседател успеа некако да собере музичари (или повеќе-музиканти) кои ќе му свират на забавата. Меѓу другите го откачија Елтон Џон, Селин Дион, па дури и неговиот стар другар Пол Енка кој изјави дека шансите да ја испее „Мај уеј“ се рамни на „петел што ќе го преспие изгрејсонцето“ (така барем научивме дека човекот е уште жив).
Но има уште една традиција за која Трамп веројатно ќе имаше уште повеќе проблеми да ја испочитува - присуството на познат поет, кој би прочитал стихови во негова чест.
Додуша само четворица американски претседатели посакале на нивната инаугурација да бидат читани стихови. Првиот е Џон Ф. Кенеди, кој го поканил Рoберт Фрост, како благодарност за неговата голема поддршка за време на кампањата. Фрост по тој повод напишал сосема нова песна „Посвета“, но сепак на настанот рецитирал една стара, наизуст. Причина - на тој 20 јануари 1961 сонцето толку силно блескало на свежо паднатиот снег што 86-годишниот Фрост не можел да чита од листот. Еве го како се зад’ткува:
Вториот претседател е Џими Картер, кој го поканил Џејмс Дики да чита, но не на церемонијата, туку на коктелот кој следел. Во поновата историја, на Бил Клинтон му рецитирале дури двајца поети - Маја Ангелу и Милер Вилијамс, а и на двете инаугурации на Обама беа читани песни, во 2009 од Елизабет Александер и во 2013 од Роберт Бланко.
Кажано поинаку, по Кенеди сите претседатели-демократи освен Линдон Б. Џонсон имале покането поет на инаугурацијата. Ниту еден републиканец го нема сторено тоа. Врската помеѓу американската „левица“ и поетите се толкува како нивно сојузништво во борба против неправдите, но од аспект на десницата, „стихоклепството“ е елитистичка работа и уште едно од оние непотребни интелектуализирања (различно од останатите само по тоа што некој се помачил да удри „ентер“ помеѓу речениците).
Трамп е првиот претседател во 25 години без повисока академска титула, а неговиот најпознат „поетски“ придонес кон светската култура е стихот „Отпуштен си!“. Можеби од тука произлегува и неговата одбивност кон поетите и нивните државни или академски стипендии, кои им овозможуваат (во негови очи) да не работат ништо. Плус и самите поети, кои денес, на денот на инаугурацијата, се дел од протестите „Писателите пружаат отпор“ низ земјата, не би сакале да му рецитираат. Еден од нив, поранешен поет-лауреат, Роберт Хас, изјави:
„Не би можел да читам на инаугурацијата - стресен сум и опасен. Но можеби Иванка би можела да ја прочита онаа од Емили Дикинсон, Животот ми е полна пушка. Омилена ми е на тема Втор амандман“.