
Историски, регистрирањето НЛО или извештаите за контакт со вонземјани (за киднапирања и да не спомнуваме) главно завршуваа во категорија „модерна митологија“. Ако илјадниците вакви примери не се ништо друго туку погрешна идентификација или природни феномени, тогаш еден единствен верификуван пример на вонземски контакт може да биде револуционерен.
Сепак, и покрај медиумското покривање на НЛО, предрасудата во однос на можноста на вистинска посета на „малите и зелени“ останува длабоко вградена во повеќето од нас. Сомнежот е поддржан од недостаток на меѓународна дискусија за постоењето вонземјани придружено со докажани контакти со нив во мејнстрим медиумите, најважните глобални тела (како ОН) и помеѓу политичките лидери. Во најдобар случај реакцијата се сведува на рамнодушност, но најчесто експлицитно или имплицитно оној кој зборува на овие теми се маргинализира и стигматизира. Како последица на ова, самото поставување прашање за вонземски живот, без оглед дали тоа е во атмосферата на Земјата или на нејзината површина, е табуизирано.
Што стои во основата на ваквото отфрлување? Тоа е веројатно последица на длабоко вградениот антропоцентричен светоглед, перспектива која го става човештвото во центар на универзумот. Предрасудата е евидентна, на пример, во нашиот историски третман на животните. Какво и да е тврдење дека и тие имаат интелигенција и каква-таква свест е пречекувано со неверување па дури и со отпор. Слично на тоа, концептот на вонземски живот долго време е доживуван како закана кон човечкиот ексепционализам. Да се потсетиме: Џордано Бруно, кој сметал дека универзумот е бесконечен и населен од други светови слични на нашиот, бил запален на клада.
Но ова не значи дека едно антропоцентрично гледиште мора да подразбира непостоење на животинска свест или на вонземјани. Кант, кој бил посветен христијанин, а го промовирал специјалното место на човекот во природата, сепак имал став дека постојат други светови населени од рационални суштества. Тој исто така го отфрлил гледиштето на Декарт дека животните се само машини.
Сепак, кога не би биле обременети од антропоцентричноста, можноста за вонземска посета би изгледала многу поверојатна. Веројатно би биле поприемчиви за емпириските податоци кои укажуваат на потенцијалното постоење на феноменот, и би го третирале како легитимна тема за истражување а не како дел од фолклорот на летечките чинии.
Ова континуирано отфрлање понекогаш е сфатено како вид „уфофобија“ - аверзија кон идејата дека НЛО-ата се знак на вистински вонземски интелигенции. Нашата неможност да ги детектираме во моментов, не нужно го негира нивното постоење, туку ги открива ограничувањата на нашето актуелно знаење и технологија. Ова последново пак не ни може да се развива ако кон темата пристапуваме со предрасуда и не вложуваме во ваквите истражувања.
Од овој магичен круг може да се излезе само со промена на ставот и признавање дека е можно присуство на суштества кои се понапредни и оттаму помоќни од нас (нешто што го негираме не толку базирано врз докази, колку мотивирани од сопствениот страв). Ограничени сме од суптилни форми на социјална цензура, притисок кој е присутен и во академскиот дискурс. Само тогаш кога дискусијата за НЛО ќе престане да биде сензационалистичка тема „на рубу знаности“, тогаш таа може да стане легитимна за академско и друго проучување. До тогаш можеби сме во право што не веруваме - но само ако тоа го правиме поради вистинските причини.