Францускиот претседател Макрон, на прес конференција по средбата со Путин во Санкт Петерсбург на 24 мај, цитираше говор на Достоевски за Пушкин, во кој авторот драматично повикува на руски универзализам - теолошка позиција според која сето човештво ќе биде спасено со силата на христијанската вера, но кое треба да тргне токму од Русија. Оваа недела пак, премиерот на новата популистичка влада на Италија, Џузепе Конте, го парафразираше (или погрешно го цитираше) истиот говор на Достоевски при своето прво обраќање пред италијанскиот Сенат.
Достоевски го одржал својот инспиративен говор во 1880 при откривање на статуа на Пушкин во Москва (целиот на англиски тука), толкувајќи ја епската поема на овој автор, „Евгениј Онегин“ онака како што му одговарало на неговиот светоглед. Татјана, хероината на поемата, ја претставил како симбол на руската женскост и понудил екстатичка визија на руската душа како инструмент на вистината. Заклучил дека ваквите вредности на Русија можат да се прелеат во нејзиниот однос со Европа, идеја која ги восхитила и славофилите и западњаците од тоа време.
Европејците немаат поим колку ни се мили“, напишал Достоевски. „Верувам дека ќе сфатиме дека за да станеме вистински Руси конечно ќе мораме да ги разрешиме сите европски контроверзи, да понудиме решение за европската вознемиреност со помош на нашата сехуманитарна и сеобединувачка руска душа, да ја прифатиме со братска љубов и, секако, да го изговориме зборот на големата, универзална хармонија, на братското согласување на сите нации кои се придржуваат до законот на христовото Послание.
Ова е извадокот кој Макрон го цитираше неодамна застанат до Путин, на прес конференција на која беа спомнати и Трамп, НАТО и Сирија, а како сигнал дека Франција и Русија можат да најдат заедничка основа. Макрон така се најде во бројната група француски претседатели кои ја користат културата и „меката моќ“ како начин на зајакнување на економските и политичките врски со оваа земја.
Но истиот цитат беше употребен во сосема различен контекст кога Конте го изговори пред италијанскиот Сенат, за да ја истакне врската помеѓу елитите и народот. „Обвинети сме за популизам и анти-системско однесување. Ова се лингвистички формулации кои секој може да ги користи. Доколку популизмот е став на владеачката класа да ги слуша потребите на народот, и тука црпам инспирација од Достоевски кога зборува за Пушкин, доколку анти-системот значи да се цели кон воведување нов систем, тогаш овие политички сили ја заслужуваат ваквата формулација“.
Конте до сега беше релативно непознат правник кој беше номиниран да ја води коалициската десничарска влада - првата популистичка влада која доаѓа од земјите основоположнички на ЕУ. Ова беше само вовед во неговата главна идеја за приближување кон Русија. Ова всушност и не е сосема нова ситуација за Италија. Во текот на неговиот мандат од 2014-2016 премиерот Матео Ренци од центарот исто така повика на олабавување на санкциите кон Русија. Италија отсекогаш била русофилска, од имањето најголема комунистичка партија на Запад, до личното пријателство на Берлускони со Путин. А и северна Италија, центарот на десничарската партија на власт, има добри бизнис врски со Русија. Оттаму не би било необично во идни говори на италијански политичари да се најде уште некој руски писател. Само ставен во контекст кој ним им одговара.
извор: Атлантик