Знаевте ли дека на остров во арктичкиот круг има огромна архива на податоци?

Додека ние мака мачиме да најдеме архивирани броеви од и не толку стари весници и списанија по нашите библиотеки, недалеку од Арктикот има длабоко закопан челичен трезор со податоци, за кои се очекува дека ќе бидат сочувани за идните 1000 години. 

„Арктичката архива на светот“ е институција за чување податоци, лоцирана на норвешкиот архипелаг Свалбард, на место кадешто Арктикот се допира со Атлантскиот океан. Тој содржи податоци од историски и културен интерес на неколку земји, како и на сите отворени кодови на американската мултинационална компанија ГитХаб.

Станува збор за длабоко закопан челичен трезор, кој гарантира дека она што се чува таму ќе трае 500-1000 години. Архивата е во сопственост на профитната компанија Пикл и државната компанија за производство на јаглен, Сторе Норске Спитсберген Кулкомпани. 

Архипелагот за којшто станува збор е лоциран северно од главното копно на Норвешка, на околу 970 километри од Северниот пол. Тој е прогласен за демилитаризиран од страна на 42 нации, а воспоставен со Договорот од Свалбард потпишан по Првата светска војна. Тоа значи дека оваа територија не може да биде користена за воени цели, а компанијата ја опишува локацијата како „една од најсигурните геополитички места на светот“. 

Поради арктичката клима и трајниот мраз (пермафрост) дури и ако во трезорите снема струја, температурата во нив ќе остане под точката на замрзнување, што е доволно за да се зачува нивната содржина со децении (трезорот е 250 метри под пермафрост-от). Тој е заштитен дури и од нуклеарно оружје. 

Податоците се складирани офлајн на филмски траки кои користат рафинирана верзија на обична, „даркрум“ фотографска технологија. Филмовите се направени од полиестер со сребрени кристали и имаат животен век од најмалку 500, а веројатно и до 2000 години. 

Архивата ги претставува предностите на тн. „студено“ архивирање. „Топлите“ архиви, односно оние што се достапни онлајн се потпираат на електроника и можат лесно да бидат избришани или подложни на геомагнетски влијанија. 

Со оглед на тоа што во многу далечната иднина луѓето можеби нема да разберат што е тоа што е во трезорот, направен е еден вид „Камен од Розета“ за да им помогне на тие идни жители на планетава да ги декодираат податоците. Водичот е читлив со око, по негово зголемување и напишан на англиски, арапски, шпански, кинески и хинди. 

Клиентите кои плаќаат чување на податоците можат да ги испраќаат дигитално или физички. Тие можат да бидат и вадени од трезорот, но процесот не е многу брз, бидејќи податоците не се поврзани на интернет. Тука станува збор за широк опсег на историски и културолошки податоци - влади, истражувачи, верски институции, медиумски компании и други се помеѓу корисниците на архивата. Тука можат да се најдат уставот на Бразил и Норвешка, информации за биодиверзитетот на Австралија, дигитализирана верзија од „Божествената комедија“ на Данте, а во 2020 прв пат беше депонирано дело од Нобеловец по литература, 14 книги од Нобеловката, Олга Токарчук. 

3 февруари 2025 - 07:23