Ова со „како е дечки?“ е повеќе од едноставен почеток на видео. Јутјуберите и влогерите не изговараат само некакви формули, туку го местат и целото тело така за тоа да изгледа пријателски, од насмевка до благ флерт со гледачите. И луѓето кои ги следат навистина чувствуваат како да ги знаат, и во „обичниот“ живот.
Неколку децении пред подемот на славните личности на интернет истражувачите Доналд Хортон и Р. Ричард Вол создале термин кој ги опишува овие илузорни врски, многу слични на оние кои се обидувале да ги воспостават ТВ водителите од 1950-тите со своите гледачи. Тие ја дефинирале „парасоцијалната врска“ како „врска која навидум се остварува лице в лице, помеѓу гледачот и изведувачот“. Но ова „навидум“ е клучно - се работи за интеракции кои се „еднонасочни, недијалектични, контролирани од изведувачот и неподложни на заеднички развој“.
Сега видео есеистката Шенон Стручи (Shannon Strucci) го истражува истиот феномен на платформа која самата промовира парасоцијални врски, повеќе од било кој друг медиум: јутјуб. Нејзината серија „Лажни пријатели“, која до сега има само две епизоди, се базира на детално истражување и претставува трезвен поглед на тоа како се воспоставуваат ваквиот тип односи.
Голем дел од тоа е можеби непотребно ширење на темата, и визуелно делува како колаж, но поентата е доволно силна, а илустрациите доволно убедливи за отсликување на „парасоцијалниот пекол“, како што Шенон го нарекува она во што живеат милиони (главно) тинејџери поврзани со нивните јутјуб идоли. Таа не ги осудува овие поединци, за кои видеата на, на пример, Џексептикај, се некој вид бегство од осаменоста (и реалноста). Но фокусирањето на позитивни примери би значело намерно игнорирање на фактот дека како култура веќе одамна сме ја поминале линијата каде флагрантните прекршувања на приватноста поврзани со парасоцијалните интеракции се нормализирани, како дел од „работата“, на тоа да си онлајн и да си популарен. И што ПАРА-социјалните врски ги заменуваат, како нивен синтетички супститут, оние вистинските, социјалните, без одговорноста која ја подразбираат (или барем би требало да ја подразбираат) вторите.
Тука целата втора епизода од „Лажни пријатели“. Долга е (нешто помалку од два часа), но вреди да се погледне, иако голем дел од работите веќе интуитивно ги знаеме или сме ги почувствувале. Ако не онлајн, тогаш со лик од некоја книга, актер или друга славна личност, која мислиме дека „ја познаваме“.