Никола Грифит е авторка од Јоркшир, Англија, чијашто биографија вели дека пред да го открие пишувањето и да се пресели во САД „заработувала пари за пиво учејќи ги жените на самоодбрана, свирејќи во бенд и туркајќи раце по барови". Дијагностицирана во 1993 со мултиплекс склероза, таа сепак многу активно пишува романи, кратки раскази и текстови во Nature, New Scientist, LA Review of Books и на сопствениот блог.
Токму на него таа неодамна објави сопствено истражување за тоа колку од книгите кои се занимаваат со женски прашања, ликови или нарации добиваат престижни награди. Преку детално организирани „пити" таа ги следи добитниците во последните 15 години на најзначајните книжевни признанија - Пулицер, Букер, Хуго, Националната книжевна награда на САД, Наградата на националното здружение на критичари, до медалот Њубери, кој се доделува за детска литература.
Резултатите се следни: на врвот на скалилото на престижот, ниту една од 15-те книги кои добиле Пулицер не е комбинација на дело на жена, напишано од гледна точка на жена или девојка. На дното на скалилото, медалот Њубери кој се доделува за „најзначаен придонес кон американската литература за деца" жените пишувале од перспектива на женски лик 5 пати (од 15). Работите стојат поинаку за мажите - машките романи во врска со мажи или момчиња сочинуваат 8 од 15-те добитници на Пулицер. Слично е и со останатите награди, каде доминираат книги напишани од мажи, во врска со мажи (и веројатно за мажи).
„Кога станува збор за книжевни награди, колку што таа е попрестижна, повлијателна и финансиски по „тешка", толку е помалку веројатно дека победникот ќе се однесува на животот на возрасни жени", вели авторката. Тука целата статистика и нејзините коментари.