Во 1920-тите една жена пристигнала во болницата „Св. Ана“ во Париз. Тоа не ѝ било прво болничко искуство, напротив, била толку честа пациентка во различни институции што станала „важен дел од парискиот болнички пејзаж“. Била длабоко трауматизирана од Првата светска војна - на 22 јуни 1915, во северниот француски град Сен-Пол-сур-Мер, нејзината куќа била уништена од артилериска граната. Таа била извлечена жива од урнатините, со телото во „извиткана положба“ и со левата нога заглавена под рушевините.
Најпрвин била однесена во болницата Сен-Пол де Бетин, каде што еден воен лекар ѝ се обратил повторувајќи една иста наредба: „Исправи се, ќе стоиш исправено, ти си исправена, остани исправена“. Овие зборови таа подоцна им ги повторувала на сите лекари што ќе ги сретнала, како да ѝ се врежале во телото. И покрај тоа што физички се опоравила од повредите, таа сепак не можела да оди исправено - едноставно се плашела дека тоа ќе ја убие.
Дијагнозата што ѝ била поставена била абазија – термин воведен од доктори од 19 век кои соработувале со познатиот невролог Жан-Мартен Шарко во болницата Салпетриер во Париз (чија работа подоцна ќе биде значајна и за Фројдовите теории за хистеријата). Симптомите вклучувале неможност за исправено стоење и одење, а понекогаш и парализа, тремор, грчеви и нарушени движења.
Кога се преселила во Париз, се појавиле нови симптоми, на пример можела да оди напред само на прсти. Во годините што следеле, по бројни болнички престои, нејзиниот од постојано се менувал и станувал сè покомплексен. Парадоксално, овие промени се случувале не и покрај третманите, туку токму поради нив.
По нејзиното принудно отпуштање од една установа во јануари 1923 година, жената почнала да оди на најнеобичен начин дотогаш: наназад, правејќи целосни кругови од 360 степени во редовни интервали. Била подложена и на терапија со електрошокови, но без резултат. Кога пристигнала во „Света Ана“, ја прегледал и еден тогаш млад психијатар по име - Жак Лакан.
Подоцна, тој заедно со својот ментор Морис Тренел го објавил случајот во списанието Revue Neurologique de Paris (Париско невролошко списание). Што ги објаснувало нејзините чудни симптоми, таа „единственост на моторното нарушување“, како што ја нарекле Тренел и Лакан? Нивниот одговор се повикувал на уште една денес речиси заборавена дијагноза: питјатизам – збор составен од старогрчките поими за „убедување“ и „излечиво“.
Според оваа теорија, симптомите биле резултат на сугестија: исто како што строгата наредба на лекарот ја „создала“ абазијата, така и доволно убедлив лекар можел да ја излечи. За разлика од Фројд, кој хистеријата ја сфаќал како несвесен психички конфликт што се изразува преку телото и се разрешува преку разговор, оваа теорија верувала во театралната моќ на медицинскиот авторитет.
Но честите хоспитализации на жената покажувале дека нејзините лекари не биле доволно „убедливи“. Нејзините симптоми не исчезнувале, туку се засилувале, како таа да се обидувала да им пренесе нешто ним, а не обратно. Тренел и Лакан забележале и халуцинации, прогонувачки гласови и уверување дека е тајно бремена – симптоми што повеќе упатувале на параноја отколку на хистерија.
Денес, речиси еден век подоцна, иако питјатизмот е напуштен, овој случај останува значаен. Тој го отсликува специфичниот психијатриски контекст, сложениот однос меѓу пациентот и институциите, но и длабоката историска траума. Последниот облик на нејзиното одење – наназад, внимателно, со ротации – може да се чита како тивок коментар за последиците од војната: по неа, веќе не било можно едноставно да се чекори право кон иднината.