Жената која ги правела најдобрите клавири во Виена

Нанет Страјхер за жал има маргинално место во историјата на музиката. А била една од најдобрите производители на пијана не само во Виена, туку во Европа. Плус долго време го водела хаотичното домаќинство на Бетовен.

Toчниот датум на раѓање на Лудвиг Ван Бетовен не е познат, но она што се знае е дека бил крстен на 17 декември 1770. На 250-годишнината од неговото раѓање искрснуваат нови или подзаборавени податоци за неговиот живот и творештво. Меѓу нив и приказната за Нанет Страјхер, една од неговите најблиски пријателки, која имала своја фирма за производство на клавири. Во фирмата работел и нејзиниот сопруг, Андреас, пијанист и наставник, кој се грижел за продажбата и сметководството. Но голем број проучувачи на Бетовен ги прикажуваат нештата обратно - дека тој (Андреас) бил производителот, а Нанет неговата помошничка во сенка.

Родена во Аугсбург, Германија во 1769, Нанет била шесто дете на познатиот производител на пијана Јохан Адреас Штајн, кој развил иновативно пијано со подобрен механизам познато под името „Виенска акција“.

На 8 години, Нанет свирела пред Моцарт, кој го критикувал нејзиното држење и правењето гримаси, но признал дека има генијална дарба. Две години подоцна, таа почнала да ги изучува знаетчиските техники на татка си, добивајќи го признанието од упатените како „механичко чудо од дете“.

По смртта на таткото на нејзини 23 години, таа се омажила и ги преселила постоечките пијана во Виена со помош на сплавови. Во партнерство со својот 16-годишен брат, Матеус, го променила името на компанијата во „Брат и сестра Штајн“, и се придружила на трендот на производство на потешки и порезонантни инструменти, со оглед на тоа што концертите почнале да се одвиваат во поголеми сали а не само во аристократските салони.

Бетовен, кога ја сретнал Нанет во Аугсбург години претходно, побарал на заем еден од нејзините клавири за концерт во Пресбург (Братислава). Но елегантните пијана кои имале „сребренкаст“ звук и бара посуптилен однос кон клавишите не биле баш соодветни за „дивата“ изведба на Бетовен. Андреас, сопругот на Нанет, го опишал односот на композиторот кон нивните пијана како „брутален убиец кој бара одмазда“. „Уште при првите акорди тој е толку насилен што се прашувате дали е можеби глув“, напишал тој.

За жал коментарот бил на место. Бетовен само што почнал да го губи слухот, иако тоа се уште не му го имал кажано никому. Нанет и самата сакала инструмент кој ќе биде поиздржлив и ќе има поголем опсег на октави (од пет на шест и пол), но животот и бил стресен и не можела толку да се посвети на иновации - имала мали деца од кои едното, 6-годишниот син, умрел во 1802, се скарала со братот, и на крај ја поделиле компанијата.

Како жена во компетитивниот свет на мажите-занаетчии се нашла во потчинета позиција. Но издржала и до 1809 веќе имала нов дизајн, на клавир кој бил најголемиот, најгласниот и најиздржливиот во Виена. Фирмата Страјхер како што сега се викала нејзината компанија, произведувала до 65 клавири годишно кои биле сметани за најдобрите во градот.

Наскоро Страјхерови изградиле и концертна сала со 300 седишта до продавницата, декорирана со бисти на познати пијанисти, вклучително и со маската на Бетовен од скулпторот Франц Клајн. Местото станало „ин“ за виенската елита.

Но Нанет се нафатила за уште една работа - да го управува хаотичното домаќинство на Бетовен. Тие имаат разменето над 60 писма, во кои има банални детали за постелнина, скинати чорапи и пазарски списоци. Бетовен веќе откачувал и мислел дека слугите сакаат да го отрујат, а Нанет станала единствената во која имал доверба. Со оглед на неговите турбулентни односи со жени воопшто, ова веројатно е неговата најуспешна „врска“, која му овозможила на раат да пишува, меѓу другото амбициозната пијано соната Hammerklavier.

Нанет го надживела пет години, умрела во 1833 на 64. Фирмата Страјхер продолжила под раководство на нејзиниот син, Јохан Батист, и внукот Емил кои правеле пијана за Брамс. Кога Емил се пензионирал во 1896, компанијата се затворила. Инструментите сепак можат да се видат и денес, во музеите низ светот.

11 ноември 2020 - 11:04