Денес, 3.10, со специјална проекција на „Исцелител“ во кино Фросина и разговор со режисерот Ставревски ќе започне предфестивалската програма на третото издание на Киненова, Меѓународен фестивал на дебитантски филм. Официјалното отварање е во петок, со „Ругање со Христос“, а одличната програма е збогатена со специјални гости (Аница Добра, Анте Томиќ) кои ќе одржат и мастер класови. Но присуството на еден нам помалку познат режисер, кој е истовремено и претседател на жирито, отскокнува по својата важност.
Зеки Демиркубуз e турски, но според многумина еден од најдобрите европски сценаристи и режисери. Неговата турбулентна биографија е испреплетена со политичките превирања во неговата земја, но има извршено и очигледно влијание врз неговиот бескомпромисен филмски јазик и дела.
Роден 1964, Демиркубуз прекинал со школувањето во гимназија и почнал да работи во текстилна фабрика, а потоа и како уличен продавач. На 17 години, без судење, бил затворен од воената хунта која во 1980 ја сруши власта. Во тоа време Зеки бил член на маоистичка група на која и денес одбива да ѝ го обелодени името. За многумина од неговата генерација да се биде во затвор било нешто „нормално“. Поминал три години во најозлогласениот истанбулски Метрис, со голем број други политички затвореници, помеѓу кои поети, писатели, музичари. Таму, како што вели, започнало неговото образование - да не бил во затвор веројатно никогаш не би станал ни режисер.
Во затворот почнал да ги чита класиците, а прв роман му бил „Злосторство и казна“. Се опседнал со Достоевски, пронаоѓајќи во него паралели со турската реалност, но и универзални и вонвременски пораки за човечката ситуација: заробеноста во тесниот простор помеѓу фатализмот и слободната волја. „Сите мои филмови се за болката. Се обидувам да го снимам истиот филм одново и одново. Менувањето на темите според мене е опортунизам, нешто што се прави заради политички или финансиски причини“, вели Демиркубуз.
На „Киненова“ ќе бидат прикажани четири негови филмови - „Невиност“, „Жар“, „Третата страница“ и „Подземје“. Иако книжевните влијанија, особено оние на Ками или Сартр, се впечатливи во сите нив, последниот е директна адаптација на „Записи од подземјето“ на Достоевски.
„Јас сум болен човек. Јас сум злобен човек. Непривлечен човек сум“. Вака почнува новелата од 1864, според многумина еден од првите егзистенцијалистички романи. Неименуваниот наратор („Подземниот човек“) е пензиониран чиновник, во постојан конфликт со себеси и со светот, против кого не наоѓа сила вистински да се побуни. Парализиран од сопствената огорченост и потисната желба за одмазда, тој дури и од оние кои му се благонаклони успева да создаде непријатели, истовремено мазохистички самоповредувајќи се.
Токму таков е и ефенди Муарем на Демиркубуз - измачена душа, во основа добродушен човек кој заради својата преголема чувствителност е постојано раздразнет од злобата и неправедноста на другите. „Тие - тие не ме оставаат да бидам добар!“, извикува во еден момент подземниот човек на Достоевски, и токму тоа е и централниот проблем на Муарем, кој убеден дека „тие“ го презираат не само што им возвраќа со иста мерка, туку во сопствената параноја ги преценува чувствата на другите, кои се најчесто сосема рамнодушни.
Неспособен да даде или да прими љубов (не го трогнува дури ни тажен детски поглед), тој е истовремено мачител и сопствена жртва: ова прави на моменти да сочувствувате со неговата осама и разочараност, за веќе во следниот момент да почнете да го презирате. Затоа што додека тој „завива“ (и метафорички, кукајќи, но и буквално), луѓето околу него, особено жените, имаат реални проблеми за кои тој наместо практична помош и сочувство има само навреди и саркастични коментари.
Дали сме сите ние Муарем? Дали сите живееме на и над земја, но во подземјето на нашите души, немоќни да се издигнеме и да го погледнеме небото? Достоевски во 19 век предупредил дека ова може да стане вообичаена човечка состојба. Демиркубуз во 21 век констатира дека бил во право.
***
Четирите филмови на Демиркубуз се на програмата на Киненова (целата тука) „Подземје“ е на програмата на 10.10 во 18 часот во кино Фросина. Претходниот ден во 11 часот во Кинотека тој ќе одржи мастер клас на тема „Иднината на светскиот независен филм“.