Нов документарец под наслов „Стравот на 13", кој ќе биде прикажан на фестивалот на документарци во Њујорк на 13 ноември, ја раскажува приказната за човек погрешно осуден на смрт за убиство во 1982, кој во еден момент одлучува да му се обрати на американскиот судски систем со молба - да биде конечно егзекутиран и на тој начин да му бидат скратени маките. На ваквото писмо тој работел со години, затоа што сакал да замине „не луто, туку елоквентно".
„Почитуван судија Џилс, ве замолувам да ми се испочитува единственото што ми останува - правото на еден проколнат човек да биде погубен". Вака почнува обраќањето на Јарис, кој во текот на двете децении колку што минал во затворот, од дете од улица и зависник кој едвај знаел да се потпише се трансформирал во опсесивен читач, кој „проголтал" 10.000 книги. Ги запишувал новите зборови кои ги среќавал секој ден - понекогаш 30, понекогаш 50, учејќи како се спелуваат и што значат.
„На денот на моето погубување сакав да цитирам нешто прекрасно. Сакав да им докажам дека ја избришав и ја скршив личноста која тие мислеа дека сум, и дека сум ја заменил со друга која ја сакам. Тоа беше целта на моето самообразование".
Писмото го имало посакуваниот ефект - судијата реагирал со тоа што наредил нов преглед на доказите, вклучувајќи и ДНК тестови кои ќе ја потврдат невиноста на Ник, по што следело негово ослободување, 21 година откако е погрешно осуден за киднапирање, силување и убиство. Јарис во 2008 објавил и автобиографија за овој случај, под наслов „Седум дена живот".
Преку добро снимени реконструкции, новиот документарец е монолог на човек кој се соочува со нагли пресврти на судбината, која толку долго го држела неправедно во затвор. Иако е интимна приказна за еден човек, таа зборува и за недостатоците на американскиот правен систем.
„Мислам дека најлошиот аспект на смртната казна во Америка е долгиот период помеѓу пресудата и погубувањето", изјавил режисерот Дејвид Сингтон. „Вие не го убивате човекот кој го направил кривичното дело. Вие погубувате друга личност кој имал деценија или две децении да живее во сосема поинаков свет".
Трејлер за филмот:
Целата вистинска приказна за Јарис на innocenceproject.org, каде се објавуваат случаи на погрешно осудени лица