Кога имал 15 години, поточно на 27 ноември 1981, Џорџ Круикшенк и неговите двајца братучеди решиле во дворот на семејството Куришенк среде Сиднеј да направат автономна и суверена територија. Со текот на времето идејата се шири, па во „царството“ на Џорџ, кој е сепак само прв меѓу еднаквите, се вклучуваат и негови колеги од студиите. Владата почнува да добива нови ресори и министри, а веста за Атлантиум се шири низ светските медиуми.
Седиштето на оваа микронација, провинцијата Аурора во Њу Саут Велс, денес е отприлика среде големо ништо, но на површина двојно поголема од Ватикан или половина Монико. Зад далечните ридови - граници на територијата на самопрогласената држава - лежи една друга, малку попозната, Австралија.
Џорџ има знаменосец и телохранител, и секојдневни обврски поврзани со владеењето, медиумското присуство и промовирањето на идеологијата на Атлантиум. Припадниците на оваа микронација, имено, веруваат во правото на асистирано самоубиство, брачна еднаквост, абортус, право на непречено движење и создавање услови за исполнување на потенцијалите на секого на глобално ниво.
Во моментов државата има 3000 „граѓани“ во 100 земји во светот, од Мароко, Азербејџан до матичната Австралија. Пардон, матичниот Атлантиум.
Членството во микронацијата може да се добие со едноставен формулар кој се пополнува на официјалниот сајт. Атланитум има своја валута, печати пари, и своја химна која е всушност трет став од Симфонијата бр. 3 во Ц-мол на Сен-Санс. Имаат свој поштенски систем и свои марки (кои официјалната пошта не ги признава).
Ако не ти се допаѓа како функционира светот, направи си свој, но не како бегство, туку како начин да го подобриш и оној другиот. Ако немате сајт како нашиов, кој одамна го имаме прогласено за „слободна територија“, можете да почнете од својата дневна. Кој ви брани?