Роден како Џорџ околу 1760-тите во Тенеси, на територија која тогаш му припаѓала на племето Чероки, Секвоја (Sequoyah) најверојатно имал бел татко, трговец со крзна од Швабија по име Натаниел Џист и мајка домородна северноамериканка. Тој практично израснал во кланот на мајка му, бидејќи татко му исчезнал пред раѓањето на Секвоја.
Уште како мал покажувал исклучителна интелигенција - како дете направил машини за извлекување на маста од млекото во локалната млекара. Никогаш не одел на училиште и не научил англиски, а зборувал само на чероки. Поради повреда здобиена во битка или пак при ловечка несреќа, останал куц и не можел ниту да војува ниту пак да се занимава со некоја интензивна стопанска дејност. Се посветил на изработката на сребрени предмети со кои тргувал - сепак, никогаш не ги потпишувал своите дела, па ниту едно од нив не е идентификувано со сигурност.
Иако не бил формално образован, тој ја сфаќал предноста која ја нуди воспоставениот пишуван јазик - предноста на белиот човек да се здобива со знаења, да комуницира преку медиумите и меѓусебно. Според него Чироките имале хендикеп што морале да се потпираат само на меморија, па оттаму дошол до идеја да создаде форма на пишуван јазик за својата нација.
До 1809 почнал да развива нешто што станало негов систем на запишување-азбука која би помогнала племето да ги сочува своите приказни и традиции. Отпрвин, некои Чероки не ја поддржале оваа идеја - за нив прифаќањето на писмото значело дека стануваат како белите доселеници, уште еден пример на племе кое ја губи својата култура и автономија.
Но Секвоја ова го гледал на поинаков начин: запишаниот збор служел не за да ја избрише, туку напротив да ја сочува културата. Во ова особено се убедил откако бил дел од американската армија и гледал како офицерите пренесуваат важни команди во писмена форма и како војниците испраќаат писма дома. Сметал дека способноста да се комуницира преку простор и време е исклучително важна.
Азбуката што ја составил содржела латински, грчки, па дури и кирилични букви, како и арапски бројки. Прва ученичка му била неговата 6-годишна ќерка Ајоке. Противниците не неговиот „проект“ го обвиниле за магија (веројатно мислеле дека записите се некакви вештерски кодови) па го суделе пред поглавицата, кој ги тестирал тврдењата на Секвоја со тоа што го одделил од ќерка му и побарал од нив да искомуницираат преку нивниот таканаречен систем на пишување. До крајот на судењето сите му верувале на Секвоја, бидејќи симболите навистина биле „дестилат“ на говорот на Чироките. Наместо да го казнат, го прашале - а може да нè научиш?
Така почнало подучувањето на азбуката составена од 86 букви. Илјадници луѓе научиле да пишуваат и да читат за само неколу години, со што голем број Чероки заедници станале пописмени од нивните бели соседи. Наскоро јазикот почнал да се појавува во книги и весници - прв пат објавен во 1828, „Чероки Феникс“ бил првиот домороден весник печатен во САД.
Гувернерот на Тексас, Сем Хјустон, му се восхитувал на Секвоја и наводно му рекол: „Твојот изум е позначаен за твоите луѓе отколку две торби полни со злато во рацете на секој Чероки“. Денес, кога нивниот јазик се смета за загрозен од УНЕСКО, системот на Секвоја останува револуционерна иновација и извор на надеж за иднината.