„Замисли дека нема рај", „замисли дека на небото летаат златни рипки", „замисли дека илјадници сонца светат во исто време"...ова се речениците кои му оставиле впечаток на Џон Ленон откако по првата средба со Јоко во 1966 таа му подарила нејзина збирка која содржела стотина слични инструкции за фантазирање. Две години претходно самата си објавила 500 примероци од „Грејпфрут", книга со апсурдни, смешни и недовршени идеи, која не можела да биде категоризирана во ниту еден жанр.
Кога ја објавила збирката Јоко живеела во Токио со нејзиниот маж-Американец и нивната мала ќерка, и се обидувала да си го најде местото на тамошната уметничка сцена. Го одбрала 4. јули како датум за објавување на „Грејпфрут", како нејзина лична декларација на независност од тесните дефиниции за тоа каква уметност создава. Американската култура ѝ била позната со оглед на тоа што веќе на два пати имала живеено во САД заради работата на нејзиниот татко, банкар. Самиот наслов на книгата се однесувал на нејзиниот идентитет - грејпфрут како хибрид, ни Јапонка ни Американка, производ на будизмот и христијанството, врзана со јапонската аристократија на мајчината страна и со пониските слоеви од татковата.
Во Њујорк таа бргу си го нашла местото помеѓу напредната младина, а оние кои ја познавале од тоа време биле загрижени за нејзината врска со Џон, и тоа не како што мислите заради него, туку заради неа - дали еден таков рокенрол тип ќе ѝ биде на ниво.
Ама они си се зеле, и Џон цел живот ја поддржувал во нејзината работа, вклучувајќи го реизданието на оваа книга, за која напишал и предговор. Во него тој вели: „Здраво, јас сум Џон Ленон. Би сакал да ја запознаете Јоко", а како одговор на нејзиното барање на корицата на книгата читателот да ја запали откако ќе ја прочита, напишал: „Ова е најдобрата книга која некогаш сум ја изгорел".
Тоа дека токму „Грејпфрут" била инспирација за славната Imagine тој признал многу подоцна. На 6. декември 1980, два дена пред да биде убиен, Џон и Јоко биле на интервју за радио Би-би-си. Прашан на оваа тема, тој изјавил:
Всушност песната треба да се води како авторство на Ленон-Оно бидејќи голем дел од неа, и стиховите и концептот, се на Јоко. Но во тоа време бев посебичен, помачо, и некако „заборавив" да ја спомнам. Да беше Боуви во прашање, сигурно ќе ставев Ленон-Боуви. Затоа што тогаш ќе беше машко. Но во овој случај ставив само Ленон затоа што, знаеш, таа е жената, а нејзиното име не се става, нели?
Ферски. Таа нему инспирација за песната, тој нејзе второ издание (и живот) на книгата. Сега, педесет години по првичното објавување, таа се смета за дело на концептуалната уметност. Замислете.