
Во моментот на пишување на овој текст, од чисто љубопитство, без некаква посебна корист од истото, започнавме со истражување кое ги покрива последниве 75 години и вклучува архивско копање по материјал, расеан по различни библиотеки и институции и кој (секако) не е дигитализиран. Навидум залудно потрошените часови, поминати во мир во читална за периодика во која не влегува никој, се всушност редок момент на медитативен мир, зачинет со чувство дека се прави нешто корисно.
Џозеф Пајпер, поет кој пишувал во исто време како и многу попознатиот Т. С. Елиот во Англија по Втората светска војна, но за разлика од него во поразената и фрагментирана Германија, го прогласил слободното време за основа на културата. Под ова не мислел на денгубништво, туку на многу подревен тип неструктурирано време - како во грчкото σχολή (схоли), кое истовремено стои во основата на концептот за одмор, но и на филозофијата, дискусијата и на крај на местото каде се одвиваат предавања, училиште, школо, или како што се вели на некои наши западни дијалекти, „сколија“.
Вака поминатото време претставува потрага по знаење која нема друга утилитарна цел освен тоа, знаењето. Слободното време кое е во основата на културата е насочена и намерна љубопитност - практика на формулирање прашања и барања одговори со чувство на зачуд(е)ност, а не ригидна сигурност. Без ваков пристап, според Пајпер, не постои модел од кој би можел да изникне повисока цивилизација (а богами ни да се одржат руините на постоечката). Со ова тој се спротивставува на оние кои сметаат дека за цивилизациски придобивки најпрвин треба да има цврсто поставен систем (инфраструктурен, логистички, методолошки) кој ќе ги изроди. Не, вели тој, без контемплативно „губење“ време, џабе ни е структура, бидејќи таа ќе биде шуплива.
Пишувањето и читањето треба да бидат фундаментално ИГРИВИ, но сепак свесни и намерни активности кои ја формализираат љубопитноста и радоста на откритието. Ова е основа на културата затоа што низ размена на идеи - со поврзување на писателите кои се живи денес со оние од пред илјадници години - шемата на општеството се одржува како градба која трпи реновирања, но сепак останува на место.
Денес, ваквото разбирање на истражувањето е во огромен и циничен контраст со начинот на кој функционира академијата и науката. Игривоста во нив се смета во најмала рака за наивно и (пежоративно) детско поимање на нештата. Ова се сериозни луѓе, со сериозни „проекти“, кои сигнализираат висока продуктивност, додека во најчест случај само продолжуваат да пропагираат идеи кои го валидираат постоечкиот светоглед. Резултатот е „интелектуално зборување од стомак“ кое ја саботира љубопитноста.
Наспроти ова стои истражувањето како „повик“ - благородна реакција на некаков повисок (доколку сте религиозни - божествен) повик, да го поминете животот со цел, вон и наспроти современата „економија со знаење“. Академската активност притоа не е ретка и елитна активност - таа е фундаментална човечка потреба за дејствување, авантура, вештина преку која се составува културата воопшто.