Во 1980-тите, Клаус Тобјер работел како заботехничар во близина на индустрискиот град Дармштад во Германија. Имал голем број проблеми и на работното место, и приватно. Започнал да дизајнира сложени друштвени игри во својата работилница во подрумот на куќата, за според негови зборови „да избега од реалноста и да си создаде свој свет“.
Toj свет набргу почнале да го споделуваат многубројни играчи на неговите игри. Сепак, најголема слава стекнал со „Катан“ (целосното оригинално име е The Settlers of Catan), друштвена игра во која играчите се натпреваруваат за да воспостават најуспешна колонија на фиктивниот истоимен остров. Има тука и градење патишта, па села, па гратчиња, собирање жито, овци, минерали, вистинско создавање мали светови, кои само треба да бидат поголеми од оние на опонентите. „Катан“ е прв пат објавена во Германија во 1995, а во 1996 почнува да се продава во САД на англиски, што е вовед во нејзината светска слава.
Денес компанијата на Тојбер, Catan BmbH е мулти-милионски бизнис, кој го води неговото семејство. Постојат различни експазии, специјални изданија, па сосе нив некој избројал дека има околу 80 официјални варијанти (уште повеќе ако се земат предвид дигиталните верзии). И тоа не е сè - споредните производи поврзани со играта вклучуваат дури и чорапи, и специјално дизајнирани маси за поефикасно распоредување на потребните плочи и карти. Ребека Габле, германска авторка на историска фикција има напишано роман инспириран од книгата, за населувањето на Викинзите на островот Катан.
Тојбер, кој денес има 69 години, се уште како да е малку збунет од успехот на својата креација. „Никогаш не очекував дека ќе биде толку успешна“, вели тој. Дури и најпознатите дизајнери на друштвени игри мораат да работат и нешто друго, но тој ја има среќата да живее само од игри.
Во документарецот Going Cardboard: a Board Game Documentary (целиот достапен тука) во кој се опишува развојот на индустријата на друштвени игри во САД на почетокот на 2000-тите, сцените во кои се појавува Тојбер на играчки конвенции покажуваат дека тој таму е пречекуван како рок ѕвезда.
А има и зошто - „Катан“ е веќе класика, со над 100 милиони играчи во светот и десетици награди и признанија. Најново е што таа е достапна на македонски, а истата можете да ја најдете тука. Внимание: забележано е дека оној кој еднаш ја изиграл Катан потоа долго време ги баталил сите останати игри.
Види и: епизода од подкастот „Обични луѓе“ - Од „Не лути се човече“ до „Катан“: светот на друштвените игри