За што воопшто служат оние цитати на почетокот на книгите?

Би требало да сигнализираат нешто во врска со она што следи - инспирација, лично „вјерују“, можеби цитат кој заменува посвета за оној што разбира зошто тој е таму. Сето ова, и многу повеќе, е тема на постојани дискусии за тн. епиграфи во познатите книги. 

Кога треба да опишат што е тоа епиграф, авторите главно посегнуваат по метафори, како „аперитив“ или „едно шприцање парфем во голема просторија“. Но има и пограндиозни дефиниции, како „церемонијална порта што нè внесува во светот на авторот“ или, кога го нема, „маж во одело кој не носи кравата“. А можеби е само сол на помфритот?

Сите овие слики се евокативни. Но истовремено, ништо не кажуваат. Дали епиграфите се задолжителни? Декоративни? Дали се работа на истенчен вкус или на недостаток од истиот?

Естетската нестабилност е дополнета со законска. Во САД и Канада, на пример, доколку некој автор сака да цитира дело кое се уште е покриено со авторски права, мора да побара дозвола дури и за тие неколку реченици. Притоа сумата може да биде многу поголема од реалната функција на епиграфот, кој не служи ниту за објаснување, ниту за анализа, туку само за „вајб“. Освен тоа, да е цитатот во рамки на текстот не би морал да подлежи на ваква строгост, бидејќи би бил покриен од правилото за фер користење. 

Од аспект на читателите, пак, некои се воодушевени од нив, ги собираат и се обидуваат да ја протолкуваат понекогаш отсутната врска со остатокот од делото. Други ги оценуваат како бесмислени и лесни за заборавање. Можеби има и такви читатели кои, ако ја отворат книгата и не го бендисаат епиграфот, ја баталуваат. 

Во атмосфера во која секоја одлука поврзана со конечниот изглед на книгата е важна, истото се однесува и на тоа дали и кој епиграф би бил вклучен. Некои одат до таму што редат и по неколку епиграфи еден по друг. Притоа, не е важно дали тој е аперитив или церемонијална порта - без оглед колку е вкусна метафората, нештото го губи шармот ако не се размислува за влијанието кое може/треба/посакуваме да го има врз читателот. Затоа што тоа едно шприцање парфем, може да ја „усмрди“ просторијата. 

извор

16 октомври 2024 - 18:15