Кога Хавиер Замора, роден во Ел Салвадор, сфатил дека неговиот мемоар, „Солито“, нема да може да се кандидира за некои книжевни награди затоа што не е граѓанин на САД, писателот бил крајно разочаран.
„Пулицеровите награди, најзначајните книжевни, уметнички и новинарски награди во САД, остануваат недостапни за писатели како мене - некој кој живеел во оваа земја уште како дете и кој пишува за суштинска американска тема - доаѓањето во Америка“, напиша тој во јули во Лос Анѓелес Тајмс.
Минатата недела, одборот за Пулицеровите награди објави дека веќе нема да ги исклучува кандидатите како Замора. Почнувајќи од 2025, авторите и музичарите ќе можат да конкурираат со своите книги, драми и музички дела доколку се граѓани, постојани жители или „такви за кои САД е нивниот долготраен примарен дом“.
Освежените услови ја акцентираат „американската природа на делото, а не на поединецот“. Или како што изјавила администраторката на наградите, Марџори Милер, „може да бидете Американец и да напишете книга или драма или парче музика кое е американско, без да бидете формално граѓанин на САД“.
Таа нагласува дека новите правила не вклучуваат строги дефиниции на долготрајно и постојано жителство, туку зависат од самодефинираниот идентитет на писателот - дали тој ги смета САД за свој постојан дом, и дали неговото дело може на некој начин да се смета за американско.
Промената следи по отвореното писмо кое го испрати голема група автори како реакција на колумната на Замора. Претходно, единствено категоријата историска литература беше отворена за автори од која и да е националност кои објавиле книги поврзани со американската историја.
Пулицеровите награди на овој начин ги следат чекорите на организации како Академијата на американски поети, наградите ПЕН/Фокнер и Националната книжевна награда на САД кои сега ги земаат предвид и оние кои немаат американско граѓанство. Заслуга за ова има и група под име Андокупоетс, чиј ко-основач е Замора, а која во 2015 почна со протести против поетските конкурси кои наметнуваат правила засновани на имиграцискиот статус на учесниците.