За подолго да памтиш, почни да забораваш

Звучи парадоксално, но сите оние фрустрирачки моменти кога се мачиме да се сетиме на нечие име или на некој податок всушност можат да бидат добри за нашата моќ да запомниме.

На 25 февруари 1988, на настап во Масачусетс, Брус Спрингстин ги заборавил почетните стихови на неговиот стих, „Борн ту ран“. Според конвенционалното знаење за природата на заборавањето, ова едноставно не смеело да се случи. Меморизирањето на нешта како стихови бара постојано освежување, што во случајот на Спрингстин сигурно било испочитувано, со оглед на честотата со којашто ја изведувал оваа песна, oткако била објавена во 1975. Кога се нашол во непријатната ситуација, единственото што можел да го направил било да признае пред бројната публика: „Ја имам испеано толку многу пати, што ги имам заборавено зборовите“.

Ова ја подрива горната „ентрописка“ теорија на заборавањето, според која меморијата претставува одреден ред во нашите мозоци кој доколку не се одржува полека слизнува во хаос. Токму врз оваа основа се формирани образовните системи во светот, па ако овие модели на учење се погрешни, на колкумина од нас им биле давани погрешни упатства? Дури и вон школо, колкумина потрошиле безброј часови на залудно повторување на нешта кои во одреден момент едноставно испаруваат, како никогаш да не биле запамтени?

Нови истражувања од когнитивната психологија сугерираат дека, контраинтуитивно, „јазовите“ во памтењето всушност создаваат можност за вежбање на меморијата.

За да се разбере како е ова можно, најпрвин треба да се прифати дека меморијата никогаш не е само „јака“ или „слаба“. Леснотијата со која можеме да се повикаме на некоја информација се разликува од тоа колку таа е целосно зачувана во нашиот ум. Името на нашите родители, на пример, би бил еден пример на меморија која има и висока моќ да биде „повлечена“ и која истовремено високо котира во складишниот простор. Телефонски број кој сме го повикувале пред една деценија би имал низок степен на моќ на повлекување, а истовремено би котирал на дното на „магацинот“. Име на некој којшто сме го запознале пред само неколку минути би можел лесно да се повика, но ако за тоа нема потреба, овој податок воопшто не би бил складиран. И на крај, стихови на песна која сте ја пееле илјадници пати би била магацински материјал, но со ниска моќ на повикување, освен доколку не биде даден јасен сигнал - на пример доколку публиката не почне прва да ја пее - кога сеќавањето на неа веднаш би искрснало.

Идејата за меѓусебната конкурентност на складирањето и повикувањето датира од 1930-тите, а поради нејзиното влијание метафората за заборавање почнала да се менува. Сеќавањето сега изгледало помалку како карпа која полека се руши во морето информации, а повеќе како колиба длабоко во шумата која станува сè потешка за наоѓање. Куќичката може да биде совршно здрава (како магацински простор), но патот кој води до неа да е обиколен со голем број други кои водат во погрешна насока. Така менталната мапа која порано била јасна се трансформира во лавиринт. 

Во случајот со Спринстин, причината за конфузијата психолозите ја наоѓаат во тоа што тој се концентрирал на воведот, раскажувајќи ѝ на публиката како песната со текот на годините за него добила ново значење. Тоа значи дека тој ѝ пристапувал на истата меморија од различна почетна точка. Одеднаш, наместо еден сигурен пат до првите стихови се отвориле повеќе. 

Денес, добро темпираното време за заборавање е дел од поширок образован систем кој почива на тн. „посакувани потешкотии“ - стратегии кои најпрвин може да фрустрираат, но долгорочно даваат резултати. Така, учењето нов материјал може да се прекине и да се почне со друг, за подоцна човек да му се наврати. Ова се сугерира во денес славна статија од 1992 под наслов „Нова теорија на неупотребата“ на когнитивните психолози Роберт и Елизабет Бјорк. Во годините по нејзиното објавување, Бјоркови работеле на ширење на свесноста за тоа дека училиштата вообичаено не се така поставени за да овозможуваат позитивно заборавање на материјалот. Напротив - на денот на испрашувањето или испитот, оние студенти кои трупале информации во континуитет најчесто поминуваат подобро од оние кои прават паузи. но неколку недели или месеци подоцна, „спејсерите“ (вторите) покажуваат подобри резултати. Само проблемот е што испитот веќе поминал. Ова покажува дека стандардизираните структури на учење и проценка, воспоставени уште од почетокот на 20 век, до денес го спречуваат развојот на нешто што се покажува како супериорна практика на учење. 

извор

23 ноември 2022 - 09:47