„Враќање во иднината“ стана мјузикл

Светската премиера е закажана за 20 февруари 2020 во Манчестер. Потоа претставата се сели на Вест енд.

Првобитно, мјузиклот направен според хитот на Роберт Земекис од 1980-тите беше планиран за 2015. Но беше одложен, а за разлика од Док Браун, продукцискиот тим немаше временска машина.

„На добрите нешта им треба време“, изјавил ко-сценаристот на оригиналнот филм, Боб Гејл. Во улогата на Марти МекФлај ќе се појави актерот Оли Добсон.

Мјузиклот, кој ќе се изведува во Оперската куќа на Манчестер 12 недели пред да се пресели во Лондон, ќе вклучува песни од филмовите, како „Џони би гуд“ или „Пауер оф лав“. Но има и нова музика од Алан Силвестри, кој ја компонираше оригиналната трилогија, а е автор и на музиката за „Авенџерс: енд гејм“, како и од Глен Балард, кој има напишано песни заедно со Мајкл Џексон и Аланис Морисет.

Ама нам најмногу ни беше да се потсетиме на оваа антологиска сцена, која не веруваме дека ќе може да се повтори на театарските штици со друг актер.

17 мај 2019 - 17:58