„Волта“ или моментот во кој романите стануваат интересни

Понекогаш најтешкиот дел од читањето роман е токму почетокот. Приказната не нè влече, ликовите сè уште не ни значат доволно, а страниците се редат бавно. Но потоа, во некој момент, нешто се менува: романот одеднаш станува интересен, сакаме да продолжиме, а читањето од обврска се претвора во задоволство. Авторката Ема Адлер овој пресврт го нарекува „волта“ и смета дека тој е еден од клучните, но недоволно забележани моменти во искуството на читањето.

„Волта“ е поим позајмен од поезијата. Кај сонетот тој означува пресврт во перспективата или идејата, моментот кога песната почнува да се движи во друга насока. Кај романот, пак, не станува збор толку за промена на перспективата, колку за премин од дистанцирано или мачно читање кон непосредно уживање. Тоа е моментот кога нешто „кликнува“ и романот одеднаш нè тера да продолжиме.

Авторка на текст на оваа тема објавен на сајтот Паблик букс, Ема Адлер, вели дека токму очекувањето на таков пресврт ја тера да истрае и кога почетокот на книгата не ветува многу. Таа може да помине низ десетици, па и стотина страници со чувство дека романот сè уште не почнал вистински да ја освојува. Но верува дека некаде понатаму ќе се случи нешто што ќе ја промени ситуацијата.

За да го испита ова искуство, авторката замолила неколку свои пријатели да го прочитаат романот „Крајот на аферата“ од Греам Грин и да кажат кога кај нив се случила волтата. Резултатите биле сосема различни. Кај еден читател пресвртот дошол по само дваесетина страници. Кај друг се случил околу седумдесет и петтата страница, кога еден лик накратко ја презема нарацијата и претходните настани ги осветлува на нов начин. Кај самата авторка, пак, моментот дошол подоцна, кога враќањето на вообичаениот раскажувач ѝ покажало дека различните линии на приказната се движат кон неизбежен судир.

Токму тука се наоѓа важната разлика меѓу волтата во романот и волтата во сонетот. Кај сонетот можеме прилично прецизно да покажеме каде се случува пресвртот. Кај романот тоа е субјективно. Различни читатели можат да бидат освоени од различни нешта.

За некого волтата се појавува кога одеднаш се зголемуваат влоговите во приказната. За друг тоа може да биде појавувањето на особено силен лик со препознатлив глас. Некој трет може да биде привлечен од самиот стил на речениците, од некоја необична наративна постапка или од начинот на кој авторот ја гради приказната.

Ова може да биде важно и за една поширока причина за загриженост: сè помалку ученици читаат романи. Често се зборува дека младите имаат пократко внимание или дека современите технологии им ја отежнуваат концентрацијата потребна за долги наративи. Но авторката предлага и поинакво објаснување. Можеби младите едноставно не знаат дека романот не мора да биде интересен од првата страница.

Ако некој очекува книгата веднаш да го освои, а тоа не се случи, лесно може да заклучи дека романите не се за него. Но ако знае дека во читањето често постои момент на пресврт, можеби ќе биде подготвен да му даде на романот уште малку време.

Сепак, авторката предупредува дека не треба слепо да им ветуваме на читателите дека секој роман неизбежно ќе стане прекрасен. Некогаш волтата доаѓа многу доцна, а некогаш воопшто не доаѓа. Понекогаш очекувањето на пресвртот дури може да нè натера предолго да останеме со книга која, со оглед на ограниченото време што го имаме за читање, веројатно требало да ја оставиме.

Интересно е што разговорот за волтата открива и други важни делови од структурата на романот. Авторката и нејзините пријатели прават разлика меѓу волтата и она што го нарекуваат „портал“ – самиот почеток на романот, кој понекогаш толку силно нè внесува во приказната што веднаш читаме со голем замав. Но тој почетен импулс не трае засекогаш. Кога ќе исчезне, почнуваме да ја очекуваме волтата.

Тука се појавува и уште еден важен елемент: пресвртот во приказната. Големите пресврти можат да предизвикаат исклучително силна волта затоа што нè принудуваат повторно да го погледнеме сето она што сме го прочитале. Одеднаш деталите добиваат ново значење, а читателот чувствува потреба да продолжи за да открие што всушност се случувало.

Но и тука постои парадокс. Ако романот предолго го крие големиот пресврт, читателот можеби никогаш нема да стигне до него. Наместо да се заинтересира, може да се откаже токму пред моментот кога приказната требало да го освои.

На крајот, волтата е интересна затоа што не зборува само за структурата на романот, туку и за нас самите како читатели. Она што кај еден човек предизвикува возбуда, кај друг може да биде сосема неважно. Еден читател чека силен лик, друг пресврт во дејството, трет убаво напишана реченица, а четврти момент во кој приказната конечно почнува да се движи.

И можеби токму затоа читањето роман е толку лично искуство. Не постои една страница на која книгата „станува добра“ за сите. Постои само моментот кога, кај конкретниот читател, нешто се поместува. Кога книгата престанува да биде предмет што го држиме во раце и станува свет во кој сакаме да останеме.

А можеби најубавото нешто во целата идеја за волтата е тоа што таа не важи само за романите (филмовите, сериите, претставите). Авторката забележува дека и во односите меѓу луѓето често чекаме некаков пресврт, остануваме во одредена врска затоа што веруваме или сакаме да веруваме дека работите еден ден ќе се променат. Но за разлика од луѓето, романите барем ни даваат една сигурност: знаеме дека имаат крај и кога тој ќе се случи. И можеби токму сознанието дека некоја книга е конечна ни помага да продолжиме уште малку, до моментот кога ќе бидне она поради кое сме ја отвориле.

18 август 2026 - 13:49