Двајца студенти на Вест Поинт, Мајк Немет и Шон Вилрајт, покренале Кикстартер проект наречен Војна од шест зборови за собирање приказни кои потоа би ги објавиле во книга кои „го опишуваат 15-месечниот воен ангажман, сите пукотници, и страв, и досада, во само шест зборови".
На повикот се пријавиле бројни некогашни и актуелни војници на САД, ангажирани во разни мисии на американската армија во странство. Шестзборовните приказни им се полни со тага, страв, сомнеж, понекогаш со хумор. Главно се однесуваат на оној горчлив вкус на војната кој останува по враќањето дома.
„Нашата генерација се уште ја нема напишано сопствената дефинитивна приказна за своите воени искуства, па оваа војна од шест зборови си го наоѓа местото на маргините, некаде помеѓу Фејсбук пост и ракопис", вели Томас Гибонс-Неф за Атлантик, кој е еден од оние кои испратиле приказна на сајтот. Неговата е „Dustoff is inbound, keep him awake" - еден од војниците се здобил со прострелни рани во раката, многу крварел и требало да се издржи уште петнаесет минути до доаѓањето на медицинскиот хелихоптер наречен Дастоф. Томас требало да го држи буден до тогаш, и тоа за него било искуството кое го дефинирало.
„Дојдовме, видовме, погрешно освоивме"
„Изградивме скапа фитнес сала пред да се повлечеме"
„Се вратив. Син ми веќе не ме познава"
Ова се приказни на други војници, за кои Гибонс-Неф вели дека наликуваат на епитафи. Во недостаток на национални споменици подигнати во славата на војната против тероризмот, тој се прашува како историјата ќе ги запомни овие луѓе. „Не можеме сите да пишуваме романи, а понекогаш не ни можеме да го искажеме она што го мислиме, и токму тука лежи вредноста на овој проект. Болен е и пријатен во исто време, но понекогаш шест зборови се сè што ви е потребно", додава тој.
Наша забелешка: Не знаеме дали постои ваков терапевтско-книжевен проект за локалното население на Ирак или Авганистан. Можеби и тие би имале нешто да кажат, со свои (шест) зборови.