Четирикратна победничка во Лигата на шампиони, четирикратна германска шампионка - поранешната фудбалерка за националниот тим на Германија, Џозефин Хенинг го има напуштено теренот во корист на уметноста. Како резидентен уметник во Германскиот фудбалски музеј во Дортмунд, таа сега дизајнира партиципативна уметност и води работилници во текот на Европското првенство.
Под наслов „Во движење - уметност и фудбал“, Хенинг е дел од музејскиот тим што организира „пријателски натпревар“ помеѓу овие две значајни области од човечкиот живот. Поставката вклучува слики од 20-вековна европска уметност, како и малку познати или ретко видени дела кои се фокусираат на фудбалот. Со помош на дигитални технологии е обезбедено „втопувачко“ искуство, со 41 проектор, 45 звучници, 110 рефлектори и големи површини за проекции од над 1000 квадратни метри.
Некои уметници се вклучени иако вообичаено не би ги поврзале со спортот. Така, Салвадор Дали е застапен со портрет на неговиот пријател Жом Миравитлес, како мускулест фудбалер (лево).
Aсоцијацијата на англиски на „шутинг“ (и пукање и шутирање) е истражена во дело на Банкси, кое прикажува „фудбалски терорист“ кој со фудбалски потег шутира бомба.
Сите слики се проектирани во голем формат, а сите земји кои учествуваат на УЕФА Еуро 2024 се претставени со барем еден уметник.
Фудбалот бил израз на модерноста во 20 век, па оттаму уметниците биле ентузијастични во врска со начинот на кој овој спорт влијаел врз секојдневниот живот на луѓето. Денес, тој е нешто вообичаено, но тогаш бил израз на нешто ново. Исто така, фудбалот содржи елементи на драма, движење, брзина - нешто што на уметниците им годи за да изразат внатрешни чувства и од тоа да извлечат генерална симболика.
Поставката ќе биде отворена до 25 јануари 2025.
Кратко филмче за Музејот на фудбалот.