Вистинската сестра Бенедета - инспирација за контроверзниот филм на Пол Верховен

Живеела на преодот помеѓу 16 и 17 век, а во историјата е запаметена како калуѓерка, католички мистик и лезбејка. Приказната за Бенедета Карлини е основа за филм кој го испитува судирот на една таква институција каква што е католичката црква, и поединците кои преку својата еретичка духовност се заканувале да ја нарушат нејзината стабилност.

Филмографијата на холандскиот режисер Пол Верховен е навистина необична и жанровски шарена, од научна фантастика (РобоКоп), преку трилер (Основен инстинкт), до драма (Таа). Најновиот, „Бенедета“, е биографски филм за калуѓерка од 17 век која влегува во италијански манастир уште како девојче, а подоцна таму започнува љубовна врска со друга калуѓерка.

Сепак, сочуваните историски податоци и легенди за Бенедета се само основа за една многу посочна и радикална критика на лицемерието на институциите и поединците на позиции на моќ (католичката црква е само ултимативен претставник на истите), кои повикувајќи се на високи морални принципи истовремено го манипулираат јавното мислење, но и вршат внатрешни чистки.

Вистинската Бенедета била родена во богато семејство. Бидејќи таа и мајка ѝ едвај го преживеале породувањето, таткото ја заветил на Бога уште како мала. Иако тоа било необично за ренесансата, самиот се погрижил за нејзиното образование (обично за тоа биле одговорни мајките), па Бенедета на шестгодишна возраст веќе знаела да чита и ги знаела наизуст главните верски текстови. Особено ја привлекувале женските мистични ликови, како св. Катерина од Сиена, која на возраст од 21 година тврдела дека искусила „мистичен брак“ со Исус, кој ја венчал со прстен направен од неговото сопствено тело. Бенедета како мала имала визии, на пример дека ја напаѓаат црни кучиња (толкувани како отелотворување на Ѓаволот), а тврдела дека препознава пораки од Богородица кои ѝ се пренесуваат преку песната на славеите. Изборот на оваа птица е интересен, затоа што во европската народна култура и литература од тоа време, славејот е симбол на телесната љубов и сензуалноста. 

На 9-годишна возраст Бенедета се придружува на група немажени жени кои сакаат да водат аскетски живот - тоа и не било типичен манастир, туку место во коешто можело да се влезе доколку се плати. Филмот прави рез до нејзината возраст од 23 години, кога таа почнува да пријавува визии и да паѓа во транс пред останатите, што е придружено со неразбирливи гестикулации и звуци. Во филмот таа понекогаш се обраќа со многу длабок машки глас, опоменувајќи и пророкувајќи во однос на одреден настан, на пример доаѓањето на чумата. Ова кулминира со појава на стигмата (крвави рани) на нејзините раце, стапала и глава. 

Сето ова ѝ го обезбедува не само највисокото место во хиерархијата на манастирот, туку и голема популарност помеѓу локалните жители. Сепак, останатите калуѓерки се загрижени околу ваквата ситуација, бидејќи или не веруваат дека таа навистина има визии, или сметаат дека нејзиното однесување е на граница на лудило кое не може да се контролира. Како што притисокот врз неа се зголемува, така нејзините визии стануваат подраматични. На празникот Успение на Богородица таа (наводно) умира, нејзината смрт е обзнанета и погребните подготовки се во тек, кога таа наеднаш ги отвора очите и тврди дека се вратила од Рајот.

Сето ова можеби и не би било доволно за маргинализирање на Бенедета, да не била приказната за нејзиниот лезбејски однос со друга сестра, Бартоломеа. Во филмот најпрвин срамежливата Бенедета полека паѓа во страсната прегратка на новопристигнатата. Во историските сведочења на Бартоломеа, пак, нештата биле опишани поинаку - дека Бенедета била таа која иницирала сексуални односи наводно опседната од дух на машки демон, под име Сплендитело. Како невино заведена таа е ослободена, но Бенедета е ставена на клада, од која повторно во последен момент се спасува. Жешките секси сцени помеѓу нив во филмот е причина што тој беше забранет за прикажување во Сингапур.

И покрај, или токму поради големата моќ којашто ја поседувала, Бенедета била осудена на изолација во истиот манастир. Само понекогаш ѝ било дозволено да јаде со останатите, но седејќи на земја. Филмот имплицира дека нејзините „визии“, стигмати и воскреснувања биле чинови на отпор, обид за манипулација на системот од внатре.  

17 јануари 2022 - 10:50