Во моментот кога Дилан доби Нобел за книжевност ние, а и голем дел од светот, се израдува на оваа вест - дека е можно музичар и текстописец да го добие ова престижно признание, кое реално ниту во смисла на слава, ниту во смисла на пари, не му треба. Тој доби поддршка и од бројни колеги, како од Леонард Коен (можеби и позаслужен за истото), кој фамозно искоментира, само неколку месеци пред својата смрт: „За мене тоа е како да му дадеш орден на Монт Еверест затоа што е највисоката планина.“.
Секако, имаше и такви кои мрчеа и имаа други теории зошто Боб ја добил наградата. Помеѓу нив беше и канадската авторка Маргарет Атвуд, која истапи со нешто што во моментот заличи на завист и љубомора, но анализирано, особено од денешна перспектива, звучи реално.
Во интервју за Би-би-си, кога новинарката изненадено среде муабет извикува „О, Дилан добил Нобел!“, реакцијата на Атвуд е - „А, за што?“. Следува нејзино објаснување дека ваквата одлука на Нобеловиот комитет е донесена во „стратешки добро темпиран момент“ со оглед на изборите во САД. Да се награди контракултурна фигура од 1960-тите во токму тогаш кога електоратот треба да се одлучи дали да гласа за кандидат како Трамп според неа не било случајно.
„Овие нешта често имаат поширока политичка порака. Одбирајќи личност од тоа време и од тоа место, со таква филозофија, верувам дека е начин да биде испратена една од таков тип“. На прашањето на новинарката дали Атвуд тврди дека ова е направено намерно, за да не се гласа за републикански кандидат, Атвуд е внимателна: „Не би знаела, не можам да им го читам умот на луѓето“.
Кратко време потоа Доналд Трамп беше избран за претседател. Помина четиригодишен мандат пред тој да биде заменет од Џо Бајден. Сега изгледа дека има шанси да се врати во Белата куќа, а ако има нешто што може тоа да го спречи тешко дека е награда за литература, макар дадена и на Вили Нелсон.