Изолација

Видео од пеениот Уелбек

Пред некое време најавивме дека поранешниот пејач на француската рок група од седумдесетите Téléphone, Жан Луј Обер, се подготвува да издаде соло албум чии стихови ќе бидат преземени од најновата книга на Уелбек. Еве го првиот сингл од албумот.

Во 2008 Карла Бруни имала песна инспирирана од „Можноста на еден остров" на Уелбек на нејзиниот албум „Како ништо да не било". Следната година музика инспирирана од истиот автор и од истото дело направи и Иги Поп. Но Обер е првиот кој ќе му посвети цел албум,кој ќе излезе на 14. април, а ќе има и верзија на винил и со книга која ги содржи преписките на Обер и Уелбек во врска со проектот.

На спотот двајцата врсници (имаат по 58) седат заедно на маса одвоени само со шише ракија, ама Уелбек, иако никогаш не бил некој убавец, делува поутепано од кога и да е. Во еден момент освежува кога Обер вистински го бакнува кога го пеат стихот „не, не ми треба сон/ќе те бакнам/дали си ми пријател/одговори, одговори".

Еве ја целата песна:

ИЗОЛАЦИЈА

Кој сум јас?
Кој си ти?
Што правам тука?
Однеси ме каде и да е.

Каде и да е освен тука,
направи да заборавам
сè што бев,
измисли ми го минатото,
дај ѝ смисла на ноќта.

Измисли го сонцето
и спокојната зора.
Не ми треба сон,
ќе те бакнам.
Дали си ми пријател?
Одговори ми, одговори ми

Каде сум?
Насекаде има оган
не слушам никаков звук
можеби сум луд.

Ми треба да легнам
и да се одморам,
ми треба
очите да си ги прочистам.

Кажи ми кој сум,
погледни ме.
Дали си ми пријател?
Дали ќе ме усреќиш?

Ноќта заврши
Ноќта гори
Каде е рајот?
Што стана со боговите?

20 март 2014 - 14:21