Пред околу две недели почина Ивон Брил, ракетен научник, најпозната по нејзината работа на развивање технологии кои ги држат сателитите во орбита. Секако, следуваше „ин мемориам" текст во Њујорк Тајмс. Првата реченица сепак беше изненадување: „Таа правеше одличен строганоф, го следеше сопругот од едно работно место до друго, а самата не одеше на работа осум години за да изгледа три деца - 'Најдобрата мајка на светот', изјави нејзиниот син Метју“.
Лојална сопруга, пожртвувана мајка и готвачка, која ете случајно била и ракетен научник! Следеа куп реакции, кои доведоа до промена на некои од изразите во текстот, кои беа протолкувани како крајно сексистички. Дури и некрологот за Марија Кири во Тајм на времето имал доволно осет да не го спомне Пјер до осмиот пасус.
Но кај пишувањето вакви „споменични" текстови постојат и структурни проблеми. Првата реченица, кога се работи за личност која придонела за човештвото, би требало да го сумира токму тоа влијание. И тука нема место за креативност, како што тоа се обидел да го пласира Даг Мартин, авторот на критикуваниот некролог, кој веројатно со добра намера сакал да покаже дека некој, во овој случај некојА, може да биде истовремено и остварен професионалец и мајка и домаќинка, да го хуманизира научникот преку негово сместување во поширокиот контекст на семејството и општеството.
Но токму тука лежи и проблемот: „ин мемориам" текстовите - како форма, како формула - не постојат за да хуманизираат. Дури ни да контекстуализираат. Тие постојат за да идеализираат, да ги соголат починатите од баналностите на околностите во кои тие живееле, и да ги издигнат на статус на модели и стандарди и херои - фигури кои ги надминуваат сопствените и сечии „обичности". Токму тоа е причината зошто не може секој да добие ваков простор во познатите весници, иако луѓе секојдневно умираат. Оние кои се претставени во ваквите рубрики од страна на уредниците се проценети како заслужни, иако не секогаш тие се и пошироко познати во јавноста - се случува некрологот да е нашата прва средба со ликот и делото на извесен човек кој бил познат само во тесните кругови на неговата професија или активност, но кој може и треба да биде пример за многумина.
Оттаму, некролозите се фундаментално различни од другите видови новинарство. Тие, строго зборувајќи, не се профили. Не се ниту вести. Немаат намера, ниту пак можат, да го опфатат целиот живот на починатиот, но сепак треба да го опишат контекстот во кој некој живеел и творел: „Ниеден некролог не е остров, тој не постои самиот за себе. Сите тие се делови од континент, дел од копно".
Типичната структура на некрологот во западниот печат е следен:
1. Вовед
а) на колку години починал
б) од што починал (освен ако причината не е баш за наведување)
2. Кариера - најголеми достигнувања
а) награди, признанија
3. Кариера - социјални ефекти
а) статистика
б) цитати од колеги
в) цитати од експерти во областа
г) анегдоти од популарна култура
4. Кариера - што довело до главните достигнувања
а) анегдота од претходните неуспеси
5. Кариера - што следело по главните достигнувања
а) детали за подоцнежната работа
б) детали за пензионерските денови (ако дошло до тоа)
6. Семејство
а) Кој го наследил
Очигледно е фокусирањето на професионалната кариера, и тоа од овие текстови прави структурирани морални приказни. „Ова е како треба да биде. Ова е она што го цениме" (освен во исклучителни случаи на некролози посветени на воени злосторници и масовни убијци, каде поуката е каков некој НЕ треба да биде)
Праксата во нашите медиуми е непосредно по нечија смрт да се пренесе само кратка информација, а нешто подоцна блиски соработници или пријатели на починатиот да напишат подолг текст во кoj со емотивен тон ќе направат омаж на неговиот/нејзиниот лик и дело. Претпоставувам никој (и фала богу што е така) не чува во компјутер однапред подготвен некролог за да биде прв со детален текст по смртта на славниот, како што тоа го прават големите (странски) редакции кога ќе чујат дека некој политичар, музичар или научник е тешко болен. Па сепак, можеби треба да размислиме за некрологот како моќно средство за промоција на вредности во кои веруваме, како поттик за истите да се залагаме „за живота", знаејќи дека еден ден некој ќе напише нешто за нас што ќе биде повеќе од „по долго и тешко боледување" или „ненадејно".