Кажи ми кого слушаш, ќе ти кажам кој си

Вердист или Вагнерист?

Teoријата вели дека ако повеќе ги сакате Битлси од Ролинг Стоунси, веројатно повеќе ќе го сакате Астерикс од Алан Форд, и мачки од кучиња. Но ајде да го прошириме „тестот" - што ни кажува тоа дали некој повеќе го сака Вагнер или Верди, мрачниот и апокалиптичен Тевтон, наспроти лиричниот и бомбастичен медитеранец?

Оваа година се навршуваат 200 години од раѓањето на двајцата композитори, и тоа веќе предизвикува расправии во институциите кои би требало да го одбележат јубилејот. Чиј јубилеј има предност? Одлуката на миланската Ла Скала да ја отвори сезоната со Вангер ја разбранува јавноста. „Ова е шамар за италијанската уметност, удар врз националната гордост во моменти на тешка криза", изјави еден коментатор на Corriere della Sera. Италијанската економска потчинетост во однос на Германија е доволно лоша и без да мора да се слави германската култура.

Од друга страна, директорот на Лајпцишката опера, Питер Конвитни, неодамна изјави дека „Германецот мисли со музика, а Италијанецот пее со неа". Ова само на прв поглед делува навредливо. Се работи за два различни светогледа, кои се често поврзувани со национални стереотипи - дали музиката, и уметноста воопшто треба да бидат пред сè интелигентни, или пријатни?

Вагнер ја сметал својата музика за примарно интелектуална - пишувал за богови и херои, и сакал музиката да биде новата религија, прочистена од христијанската догма. Неговите опери, „Тристан и Изолда" и „Парсифал", се повлијаени од Шопенхауер и Ниче, а „Прстенот на Нибелунзите" и „Летечкиот Холанѓанин" ја величаат херојската смрт, со оглед на тоа што Вагнер ги презирал „среќните краеви, баналните завршници кои не смеат да се толерираат".

„Верди никогаш не би можел да компонира ремек-дело како Валкирите, тој правел мелодрами, го интересирала мелодијата и контрастите, а Вангер пак бил опседнат со идеи и трансформации", вели Дејвид Патни, уметнички директор на Велшката национална опера. Во книгата „Верди и/или Вагнер: двајца луѓе, два света, два века" (2011), авторот Питер Конрад вели дека „Холивуд се придржува до стереотипната поделба помеѓу двајцата композитори: Вагнер е теоретичар, Верди терапевт" - Травијата е дел од саундтракот за „Прекрасна жена" со Џулија Робертс, а наспроти тоа „Валкирите" е музика од „Апокалипса сега".

И славните писатели изгледа биле поделени на „вагнеристи" и „вердисти" - В. Х. Одн сметал дека Вагнер е „апсолутно срање", иако признавал дека неговата музика повлијаела врз генерации со „готски светоглед" - денешните млади облечени во црно слушаат групи со умлаути (у со две точки над него) во името, а нивните претходници со опери со умлаути во нивните имиња. За Конрад, пак, само композитор со исклучителен капацитет можел да помине со опери кои траеле 16 часа, но сепак смета дека на секој од нас му треба по еден Верди за да го балансира нашиот внатрешен Вагнер, доблеста на срдечност и милосрдие наспроти она на егоистичката волја. ИСаја Берлин му давал предност на делото на Верди и на неговиот природен гениј, од рангот на Хомер, Шекспир и Гете. Како што вели Родни Милнс, поранешен уредник на Opera Magazine: „Вeрди кажува исто толку колку и Вагнер за моќта и љубовта, но за четвртина време и со вистински мелодии".

За кого сте вие?

18 март 2013 - 20:50