Венеција 2019: најинтересното од овогодинешниот фестивал

76-тиот Венецијански филмски фестивал почна на 28 август, а со тоа и есенската сезона на филмски награди. Во текот на годините премиера тука имаа голем број значајни филмови (пред 25 години и нашиот „Пред дождот“), а изгледа дека и оваа помеѓу насловите има такви кои со нетрпение ќе ги очекуваме.

Еве некои од насловите за кои се очекува дека ќе бидат фаворити оваа година, не само за Златниот лав туку воопшто.

ЏОКЕР

„Кошмарно добар“, напишавме за Жоакин Феникс во новиот трејлер за „Џокер“. Ова го потврдува и вчерашната (31.08) премиера на Венецијанскиот фестивал, каде тој беше поздравен со осумминутни стоечки овации и викања „браво“. Режиерот и сценарист Тод Филип изјавил дека во креирањето на новиот Џокер големо влијание имале филмови како „Таксист“ и „Разјарениот бик“. До официјалната кино-дистрибуција има нешто повеќе од еден месец, но по премиерата тој веќе има 88% на Ротен томатос, а критичарите уште од сега го споменуваат Феникс како можен добитник на Оскар за главна машка улога во 2020.

БРАЧНА ПРИКАЗНА

Филм на Ноа Баумбах (The Squid and the Whale), со Скарлет Јохансон и Адам Драјвер, кој опишува брачни проблеми на богати, стрејт, бели њујорчани. Но иако звучи малку лигаво, трејлерот како да најавува плачки. Или можеби е затоа што во позадина иде Отис Рединг.

ПЕРAЛНИЦА

Мерил Стрип, Гери Олдман, Дејвид Швимер, Антонио Бандерас и куп други познати фаци под режисерска палка на Стивен Содерберг, за тн. Панама пејпрс, документи за тајни финансиски зделки кои им овозможија на американските богаташи да станат уште побогати. Стрип очигледно и на повозрасни години сака да пробува нови нешта, а таква е и оваа прва нејзина соработка со Содерберг. Претходно се појави во втората сезона на серијата „Големи мали лаги“.

ВИСТИНА

Прв филм кој не е на јапонски за режиерот Хироказу Коре-еда, со Жилиет Бинош во главната улога. Филмот се случува во Париз и е приказна за сценаристка која има тензична врска со нејзината доминантна мајка, филмска ѕвезда, која ја игра Кетрин Денев, а која кулминира во моментот кога мајката ги објавува своите мемоари. Мажот на Бинош го глуми Итан Хок. По последниот филм на Коре-еда, „Крадци“ од 2018, еден од најдобрите минатата година, со нетрпение очекуваме каков ќе биде овој.

МРЕЖА НА ОСИТЕ

Шпионски трилер со Пенелоп Круз и Едгар Рамирез, во кој тие се кубански оперативци кои работат на Флорида во 1990-тите. Звучи „жешко“, особено ако се знае дека третиот е Габриел Гарсија Бернал. Филмот е адаптација на книгата „Последните војници на Студената војна“ на Фернандо Морес и раскажува вистинска приказна за шпиони наречени „Кубанските петмина“, осудени во 2001 во Мајами за конспирација. Во Куба истите се познати како „Кубанските херои“.

1 септември 2019 - 16:49