Иги Поп (76) има подкаст на Радио 6 на Би-би-си, и до сега четири епизоди, во кои пушта музика и ја коментира со своите гости. Во најновата од 3 декември ко-водител му е Том Вејтс, со кого меѓу другото имаат глумено во славниот „Кафе и цигари“ на Џармуш.
Слично како и во филмот и тука си прават чамче-муабет („и ти викам сестро слатка...“) со тоа пештерските гласови, кои им се до толку слични што понекогаш човек не знае дали зборува едниот или другиот (добро, тој на Иги е малку по „мек“ и потсетува на Ноам Чомски на стари години). Изгледа како да се договарале само за песните, па секоја од нив им буди спомени и повлекува анегдоти. 28-те нумери се прекрасен избор каков што ретко ќе најдете на друго место, а исти такви се и приказните.
На пример, не сме знаеле дека групата The Prisonaires чија песна Just Walkin' in the Rain е издадена во 1953 се викала така затоа што петтемина нејзини членови биле реални затвореници. Пејачот лежел за шест силувања, кои подоцна излегло дека не ги направил, други двајца биле осудени на 99 години за убиство. Ги открил радио продуцент кој дошол во затворот по друга работа. Тој ја убедил дискографската куќа Сан рекордс да ги ангажира, па групата била транспортирана под полициско обезбедување до Менфис во студио. Неколку недели подоцна песната била издадена и продадена во 250.000 копии.
Го запознаваме и необичниот иден абез (намерно сакал името да му биде пишувано со мали букви), чиј животен стил влијаел врз хипи движењето (носел сандали и бели наметки, живеел под првото Л на знакот „Холивуд“ над ЛА и проучувал азиски мистицизам). Тој е композиторот на песната „Нејчр бој“ која станала хит на Нет Кинг Кол, а во емисијата ја слушаме демо-снимката која иден му ја оставил на Нет, а-капела верзија испеана со пренежен глас.
Не е целата музика стара, ама таа е најубавата. Каде на друго место ќе го чуете Вилијам Бароуз како ја пее Falling in Love Again...на германски?
Кликајте тука